Можеби повеќе од вас не знаат дека Android како оперативен систем е со отворен код (open source) и поради тоа бесплатен за секој програмер да го земе кодот и да го прилагоди како што сака и знае. Затоа и повеќето смартфони кои ги користиме ретко доаѓаат со основната верзија од Android, односно производителите развиваат сопствена верзија која ја надополнува основната.

Голем дел од овие посебно прилагодени верзии се и доста популарни, како на пример Samsung Experience, MIUI, HTC Sense и други. Тука се и неофицијално прилагодените верзии популарно наречени Custom ROMs, како што е LineageOS, а до пред некоја година CyanogenMod.

Она што најверојатно повеќето исто така не сте го знаеле е дека и покрај тоа што Android е бесплатен, она што производителите на уреди мора да го платат е користењето на апликациите од Google како што се Play Store, Gmail, Google Maps и други.

За да може еден производител на уреди да ги вклучи овие апликации во уредите што ги продава, како и останатите позадински сервиси од Google потребни за сето ова да функционира, тие мора да задоволат одредени стандарди и да платат лиценца.

Доста производители сметаат дека нема потреба да ја плаќаат лиценцата или која и да е причината за тоа, па продаваат телефони кои ги немаат поминато стандардите кои ги бара Google. До пред некое време корисниците на овие уреди можеа да ги најдат Google апликациите преку интернет, да ги инсталираат и да ги користат заедно со Play Store за други апликации.

Ова е она што Google веќе не сака да го дозволува, па ќе почне да ги означува уредите кои не ги исполниле стандардните, односно не се сертифицирани од нивна страна. Корисниците на ваквите уреди, кога ќе сакаат да се најават со Google сметката на почетокот од прилагодувањето на уредот, веќе нема да им биде дозволено истото.

Еве пример како изгледа пораката која Google ја пушта на местото на успешно најавување.

XDA Developers

Поштедени ќе бидат само корисниците кои инсталираат Custom ROMs, па на посебна страна од Google ќе може да го регистрираат својот уред и да се најават на Google. Ова сепак има логика зошто доста од корисниците кои инсталираат Custom ROMs, тоа го прават на уреди кои се сертифицирани од производителот.

ИЗВОРARS Technica
ИЗВОР 2XDA Developers
Претходна статијаOnePlus потврди дека OnePlus 6 ќе дојде со Snapdragon 845 и до 8GB RAM во комбинација со 256GB простор
Следна статијаFacebook објави девет мерки што ги презема по скандалот со Cambridge Analytica
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.