Dieter Bohn / The Verge

Bixby копчето кое доаѓа со неколку Galaxy модели може да се каже дека е тотално непотребно и бескорисно, а посебно за земјите каде дигиталните асистенти не се користат поради немањето поддршка за јазикот на таа земја.

Уредот има цело дополнително копче кое не може да се користи за нешто друго освен основната намена која на голем број од корисниците не им е потребна.

Поради ова излегоа неколку апликации кои овозможуваат да корисниците изберат друга функција на копчето, па наместо активирање на Bixby асистентот, да вклучат друга апликација или дури и одредена команда.

Корисниците на новите Galaxy S10 телефони нема да имаат потреба од инсталирање на дополнителни апликации доколку сакаат да ја променат функцијата на Bixby копчето, а оваа можност доаѓа вградена во оперативниот систем.

Одлична вест за сите корисници на Galaxy S8, S8+, S9, S9+, Note 8 и Note 9. Корисниците на сите овие уреди, почнувајчи од оваа недела, можат да очекуваат мала надградба на Bixby, која ќе ја донесе можноста од S10 на нивните уреди.

Во основа, оваа можност нуди избор помеѓу две прилагодувања. Едно притискање на копчето да продолжи да го отвора Bixby или ова да се прави со притискање два пати на копчето.

Со ова, притискање еднаш на копчето останува слободно за избор од страна на корисникот што да прави, па корисниците можат да изберат да се отвори некоја апликација или да се изврши одредена команда.

Целосно исклучување на Bixby не е можно, исто како што не е можно отворање на некој друг асистент.

Предноста на оваа нова можност во споредба со апликациите кои го нудат истото е во приватноста. Апликациите кои ги имаме пробано бараат пристап до доста информации од уредот, па ние избравме да не ги користиме.