На почетокот од овој месец Apple ја одржа нивната WWDC конференција. На истата очекувано беа претставени новите верзии од нивните оперативни системи, а како позитивно изненадување беше најавата на iPadOS, изменета верзија од iOS која ќе се развива со посебни функции само за таблет компјутерите.

Програмерите секогаш ја добиваат бета верзијата од овие системи со цел да можат да ги тестираат своите апликации во месеците што следат до официјалното пуштање на финалните верзии од системите.

Од пред некоја година Apple почна да им овозможува и на обичните корисници, односно тие кои немаат програмерска сметка, да инсталираат бета верзија од оперативните системи кои се во фаза на тестирање, а таа можност доаѓа нешто подоцна по најавата.

Од оваа недела Apple официјално ги пушти јавните бета верзии, односно бета верзиите наменети за сите корисници, од iOS 13, iPadOS 13, како и од macOS 10.15 Catalina.

Доколку сакате да ја инсталирате некоја или сите од овие бета верзии на вашиот уред, прво би сакале да нагласиме дека тие не се готови верзии и имаат повеќе од стандардно багови и проблеми. Тоа значи дека доколку ги инсталирате на уред којшто ви е важен за дневното функционирање, сепак не би го препорачале истото. На пример, не го инсталирајте iOS 13 бета на вашиот единствен телефон.

Доколку сепак се решите да ја инсталирате некоја од бета верзиите, еве како можете да го направите истото, а процесот е многу едноставен.

  1. Отворете ја страната на Apple за бета програмата на овој линк https://beta.apple.com/sp/betaprogram/
  2. Најавете се со вашата Apple сметка
  3. Изберете „Enroll your devices“
  4. На долната страна притиснете да ја симнете потребната алатка за вашиот mac компјутер, односно профилот за вашиот iPhone или iPad уред
  5. По инсталацијата на алатката или профилот, се што треба е да проверите за нови верзии, исто како што тоа секогаш го правите

Вашиот уред ќе почне да ја симнува новата верзија, по што истата ќе биде инсталирана како и секоја друга надградба со едно рестартирање на уредот.  

Претходна статијаNokia најави батерија која треба да трае 2,5 пати повеќе од денешните достапни батерии
Следна статијаOneDrive Personal Vault е нова дополнително обезбедена папка во OneDrive наменета за поважните датотеки на корисниците
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.