Веќе одреден период, посебно по претставувањето на iPad Pro моделите, Apple воведува одредени функции во iOS кои се наменети за овие уреди со поголем екран и подобри компоненти. Тие во главно вклучуваат можности за работа со повеќе апликации во исто време, односно нивно прикажување на дел од екранот.

Може слободно да се каже дека беше јасно дека од Apple ќе се одлучат да ги издвојат оперативните системи кои се користат на iPhone и iPad уредите, со што ќе се добие можност за поконкретен развој на функции за секој вид на уреди, без потреба од додатен код во еден систем кој би работел на повеќе уреди.

Уште поодамна се гледа дека Apple остануваат во различен правец од логиката на Microsoft кои сакаат да имаат еден систем за сите видови на уреди. Apple уште при првите успеси на ваквиот концепт на Microsoft најави дека специјализиран оперативен систем за секој вид на уред посебно е правецот во којшто тие ќе останат.

Резултат на сето ова е вчерашното претставување на iPadOS. Изменета и надополнета верзија на iOS 13 специјално наменета да работи на iPad уредите. Иако овој оперативен систем ја дели основата со iOS и ќе ги добива новините од овој систем, тој сепак сега ќе има можност да посебно додава функции кои се корисни и потребни само на таблет компјутерите.

Главната разлика која веднаш ќе може да се забележи кај iPadOS е кај главниот екран. Тој ќе може да прикаже повеќе икони, односно истите ќе бидат поблиску поставени, а таков ќе биде и случајот со „докот“ на долната страна.

Втора очигледна новина која ќе го промени значително главниот екран е можноста за прикажување на таканаречените „виџети“ на самиот главен екран. До нив стандардно се пристапува преку центарот за нотификации, како и со повлекување на екранот целосно на левата страна кај iPad.

Сега овие виџети ќе може да останат на главниот екран, поместувајќи ги иконите на десната страна. Со тоа корисниците цело време ќе имаат пристап до информациите од овие „информативни картички“, а големината на екраните кај iPad уредите тоа секако го дозволува.

Втората поголема разлика кај iPadOS е работата со повеќе апликации, односно мултитаскинг. Досега корисниците можеа да ја искористат големината на екраните и да постават две апликации една до друга на целиот екран, а овој систем сега добива унапредување.

Користењето на две апликации во исто време ќе може да се прави од иста апликација, односно корисниците ќе можат да отворат два Word документи или да отворат две имејл пораки.

Подобрувањето исто така вклучува можност за прикажување на сите отворени прозори од една апликација, како и размена на информации и датотеки помеѓу прозорите.

Апликацијата за работа со датотеки, Files, добива значително подобрување во iPadOS. Истата сега ќе наликува повеќе како на апликација за десктоп, отколку за мобилен систем. Корисничкиот интерфејс ќе биде поделен со лента, а ќе може да се добијат и повеќе информации за датотеките, како и да се извршат брзи активности.

Тука е и поддршката од iOS 13 за приклучување на SD картички и USB стикчиња, а датотеките од нив ќе можат и директно да се отворат во саканата апликација.

Files апликацијата исто така добива можност за споделување на папки од iCloud, нешто што е малку чудно што не било возможно досега.

Работата со Apple Pencil исто така е значително подобрена во iPadOS. Осетливоста на пенкалцето, а со тоа и прецизноста е зголемена за повеќе пати, па сега се добива латенција од само 9 милисекунди.

Логично за оперативен систем наменет за таблет компјутери кои сепак имаат поголеми екрани е да сурфањето кое се прави преку интернет прелистувачот е повеќе слично со тоа на десктоп компјутерите, отколку на мобилен телефон. Safari ја добива оваа промена, па овој прелистувач стандардно ќе ги отвора десктоп верзиите од веб страните, а тука се и уште неколку дополнителни можности.

Покрај новините карактеристични само за iPadOS тука се и останатите новини кои се дел од iOS 13. Главната новина е секако поддршката за темна тема, која веруваме дека ќе изгледа одлично на големите екрани, а посебно кога повеќето апликации ќе ја искористат оваа поддршка.

Подобрувањата на перформансите кои се резултат на намалувањето на големината на апликациите во App Store, како и големината на надградбите е исто така дел од iPad OS, а тука е и одличната нова можност за најавување преку Sign In with Apple.

iPadOS ќе им биде достапен на iPad Pro моделите, на iPad шеста и понова генерација, iPad mini 4 и понови, како и на втората и третата генерација на iPad Air.

Достапноста се очекува за оваа есен, а како и изминатите неколку години, достапна ќе биде и јавна бета верзија, покрај таа наменета само за програмерите. Бета верзија треба да биде достапна до крајот на месецот или на почетокот од идниот.

ИЗВОРApple
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаApple го најави iOS 13 со голем број на новини
Следна статијаApple го претстави редизајнираниот Mac Pro заедно со нов 6K Pro Display XDR монитор
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.