Најновата верзија од Android која треба да стане достапна до крајот на годината, веќе е во развој, а достапни се и неколку бета верзии, од кои првата беше за програмерите. Тоа значи дека голем дел од новините веќе ги имаме видено, односно прочитано за нив.

На Google I/O сепак ги добиваме информациите за Android Q од „прва рака“, најдобро презентирани од страна на Google. За дел од нив веќе се пишуваше, дел се нови, а за сите сега имаме официјално објаснување и претстава како ќе функционираат.

Што ново донесува засега наречениот Android Q, десеттата верзија од овој најкористен мобилен оперативен систем ?

Темна тема

Веќе најавено и видено во бета верзиите, а и популарно кај другите оперативни системи и апликации. Android добива вградена поддршка за затемнување на корисничкиот интерфејс со што и корисниците на чистото Android искуство конечно ја добиваат оваа можност.

Пријатна за очите во ноќни услови, естетски одлична за голем дел од корисниците, а секако и добра за батеријата, темната тема во Android Q ќе може да се вклучи од центарот за известувања.

Титлови на видеата

Android Q со помош на машинското учење ќе може да прикаже титлови на било кое видео кое го гледа корисникот. Ова е корисно за тие кои имаат проблеми со слухот, но и за било кои други корисници кои мораат да го гледаат видеото со намален звук.

Поддршка за уреди со екрани на превиткување

Оваа година почнуваат, а сигурно ќе станат само повеќе популарни и користени. Екраните кои се превиткуваат, сега ќе бидат поддржани стандардно од Android, па производителите на вакви уреди нема да треба да прават големи промени како што е тоа сега случајот.

Тоа исто така ќе гарантира помазна работа на ваквите уреди, без појава на грешки и „чудни“ ситуации.

Подобрување на известувањата

Самиот оперативен систем ќе почне да нуди предлози за одговори од сите апликации кои имаат известување во центарот за известувања. Тоа значи дека системот ќе ги разбира добиените известувања и на корисникот ќе можат да му предложат соодветна активност, како на пример, ако се добие порака со локација, ќе стои копче за отворање на истата во Google Maps.

Android Q исто така добива голем број на подобрувања во безбедноста и приватноста на оперативниот систем. Корисниците сега ќе можат и точно да знаат која апликација ја користи нивната локација, истото да го забранат, а тука се и дополнителни можности за заштита на читање на информации како IMEI бројот на уредот и слично.

Подобрување и внимание добива системот за дигитална добросостојба, функција која беше воведена со минатата верзија од Android, а има за цел да им помогне на корисниците помало време да поминуваат на својот мобилен телефон.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2TechnoBuffalo
Претходна статијаGoogle Assistant добива унапредување на работата и нов режим за возење
Следна статијаКристина Фростер на предавање во Скопје ќе открие која е иднината на контент маркетингот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.