Повеќето од нас сѐ уште не можеме да дојдеме до Android O, поточно Oreo, а веќе излегуваат неофицијални информации за тоа што може да се очекува од наредната верзија од оперативниот систем.

Буквата која доаѓа на ред е P, па соодветно наредната верзија од Android ќе биде Android P. Моментално информациите говорат дека во компанијата неофицијално верзијата ја нарекуваат Pistachio Ice Cream, меѓутоа се верува дека тоа нема да биде официјалното име, кое секогаш е од некој десерт.

Да се вратам на неофицијалните информации кои оваа недела станаа достапни за новините кои се очекуваат од Android P.

Пред се, се најавува дека Google ќе воведе поддршка за уреди со „исечок“ на горната страна, како таа кај iPhone X и Essential Phone. Покрај ова, Android P ќе има подобра поддршка и за уредите со екран кој ќе може да се превиткува, како и уреди со два споени екрани. Што точно подразбира оваа поддршка ќе дознаеме понатаму.

Неофицијални информации исто така говорат дека од Android P може повторно да се очекува промена и подобрување на корисничкиот интерфејс. Дали промената ќе биде драстична како по воведувањето на Material Design не знаеме, но како и да е се очекува поголема промена.

Видеото во продолжение од Bloomberg прави добро сумирање на информациите кои се достапни до сега, па вреди да се погледне.