Apple најави дека наредната верзија на iOS ќе има опција за исклучување на контроверзниот механизам кој ги успорува уредите. Новото софтверско дополнување со назнака 11.3, на актуелниот iOS 11, ќе им овозможи на корисниците контрола врз перформансите на уредот. Ова е практично реакција на серијата обвиненија кои уследија по скандалот во кој самите се вовлекоа.

Кон крајот на минатата година Apple призна дека софтверот на нивните мобилни телефони од марката iPhone, серија 6 и понови; намерно ги намалува перформансите на уредот со цел да го оптимизира користењето на енергија од батеријата и да го продолжи животниот век на уредот. Иако е лесно да се заклучи дека ваквиот потег е добронамерен, на солиден дел од корисниците ова не им се допадна.

За да го поправи впечатокот, Apple планира да им остави на корисниците право на избор. Дали сакаат овој механизам и понатаму да влијае на перформансите или сакаат максимален учинок од својот iPhone. Веста ја соопшти првиот човек на компанијата Тим Кук, во интервју за ABC News. Новиот софтвер ќе започне со дистрибуција на пролет.

Претходно компанијата понуди значителен попуст на замената на батерии кај уредите кои беа засегнати со скандалот. Меѓутоа истото  не се покажа како доволно за да го намали „бесот“ кај корисниците кои се почувстуваа измамени. Новиот софтвер ќе вклучува и низа други исправки и дополнувања, но за нив ќе издвоиме засебен текст.

Извори: The Verge, CNN

Претходна статијаМарк Бениоф, Salesforce: Друштвените мрежи да се регулираат со закон како цигарите
Следна статијаНастанот за претставување на Galaxy S9ките официјално закажан за 25 февруари