Веќе подолго време на корисниците на онлајн сметките им е достапна можноста да користат дво-факторска автентикација која овозможува дополнителна безбедност за разлика од користење само на лозинката.

Дво-факторската автентикација бара од корисникот, по внесувањето на точната лозинка, да внесе и дополнителен код којшто може да се добие преку SMS, посебна апликација за таа намена, како и преку одобрување на известување на телефонот.

Иако овозможува дополнителна безбедност, од овие начини, добивањето на код преку SMS се смета за најмалку безбедно, па сепак се препорачува користење на апликација.

Google покрај овие начини, овозможува и најавување на Google сметката преку одобрување на истото преку Android телефон. При внесување на точната лозинка, известување на телефонот бара од корисникот да потврди дека тој е тој којшто се најавува, по што се добива пристап до сметката.

Како најбезбеден начин за најавување, исто така во категоријата на дво-факторска автентикација, е најавувањето преку физички клуч, односно токен.

На овој начин, одобрувањето се прави со нешто што мора да е до уредот преку којшто се најавува корисникот, па е скоро невозможно за хакерите да добијат пристап до сметката.

Google веќе одреден период овозможува користење на токени за најавување на сметките, но сега тој процес го олеснува и донесува до повеќето корисници.

Тоа го прави преку овозможување да самиот Android телефон се користи како токен, со што корисникот не мора да купува посебен (токените се приклучуваат преку USB портата).

За да може да се користи телефонот како токен, се што треба е да се додаде во безбедносните прилагодувања во Google сметката, во делот за дво-фактурска автентикација.

Овој начин функционира преку Bluetooth, односно за да телефонот се користи како токен, ќе мора да комуницира со компјутерот преку оваа радио технологија.

Исто така, во оваа фаза, најавуањето ќе може да се направи само преку Chrome прелистувачот.

Од Google очекуваат и други компании да почнат да го користат овој начин, како и другите прелистувачи да ја додадат оваа можност.

Овој начин на користење на телефонот како токен е направен на основа на FIDO стандардите, како физичките токени кои се користат за најавување на Google.

ИЗВОРGoogle
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаOppo Reno е нов смартфон од компанијата со интересно решение за предната камера
Следна статијаDisney+ почнува со работа од ноември
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.