На Google I/O од компанијата претставија концепт за мобилни апликации кој треба да го промени начинот на којшто тие се користат. Наречени Instant Apps, мобилните апликации ќе може да се отворат „инстантно“ преку директен линк на веб, без потреба од нивно инсталирање.
Инспирацијата зад овој вид на апликации е начинот на којшто корисниците ги користат апликациите. Процесот на нивно инсталирање, иако не е сложен, сепак вклучува нивно пронаоѓање, симнување и инсталирање, по што истакнуваат од компанијата, корисниците често и забораваат дека ги имаат.
Инстантните апликации ќе се отвораат многу брзо, а корисниците ќе можат да ја завршат потребната работа, без потреба од трошење на простор на уредот и слично.
Апликациите ќе бидат на некој начин стримувани од интернет на уредот на корисникот. Програмерите ќе мора да извршат одредено прилагодување на апликациите за да можат да бидат пуштени на овој начин.
Instant Apps нема веднаш да бидат достапни за корисниците, односно може да се очекуваат до крајот на годината. Во меѓувреме програмерите ќе имаат шанса да ги тестираат и средат до нивното официјално пуштање.
Апликации ќе можат работат од Android Jelly Bean верзијата на оперативниот систем, па понови.
Овој начин на користење на апликациите значително ќе го промени концептот на апликации, а посебно за корисниците на послаби мобилни телефони со помал простор за складирање.
Извор: Google, TechCrunch