woman holding card while operating silver laptop
Photo by Andrea Piacquadio on Pexels.com

Скопје, 24. јули 2020 – Дури 90 проценти од корисниците на платежни картички во Македонија купуваат производи и услуги преку интернет. Од истите, 41 процент од потрошувачите купуваат онлајн неколку пати месечно, 45 проценти го прават тоа неколку пати годишно, додека 14 проценти купуваат преку интернет неколку пати неделно, покажува регионалното истражување, кое неодамна го спроведе компанијата Visa во рамките на кампањата „Во чекор со дигиталната иднина“.

Како главни причини за онлајн трговија купувачите ги наведуваат заштедата на време, сигурноста, брзината, заштедата на пари и практичноста, големиот избор, како и фактот што за кратко време можат да пронајдат и споредат разни понуди. Дури 80 проценти имаат наведено дека бесплатната испорака би ги мотивирала во иднина повеќе да купуваат преку интернет, а како предност потрошувачите ги наведуваат и ниските цени (72 проценти) како и попустите (75 проценти).

Некои производи се достапни само преку интернет, додека во исто време онлајн купувањето овозможува поголем избор на производи и услуги. Погодни се и домашните и странските сајтови кои ги поврзуваат потрошувачите и трговците, како и комфорот да се купува од удобноста на сопствениот дом или од други локации по избор.

Облеката и обувките се артикли кои најмногу се купуваат онлајн (61 процент), додека скоро 60 проценти од нив плаќаат комунални сметки преку интернет, по 37 проценти купуваат мали куќни апарати, односно козметика и препарати за нега на убавина, а технички уреди околу 30 проценти.

Простор за унапредување на онлајн купувањето може да се најде во доменот на прехранбени производи од продавница, видео игрици, софтвер и хардвер, додека во таа категорија се наоѓаат и автомобилски гуми и други делови… Сите ставки не надминуваат 12 проценти, на прашањето дали ги имате купено споменатите и наведени производи и услуги во претходните шест месеци.

Околу 77 проценти од потрошувачите најчесто користат паметен телефон за онлајн купување, додека 69 проценти од нив употребува лаптоп, а 34 проценти десктоп компјутер.

Од друга страна, околу 24 проценти од граѓаните, кои се потпираат на традиционалните начини на купување, наведуваат дека немаат навика да плаќаат преку интернет, како и дека овој облик на шопинг им оневозможува да ја пробаат облеката и обувките (39 проценти). Околу 64 проценти од испитаниците и понатака сметаат дека плаќањето со готовина преку достава е едно од подобрите решенија. Сепак, повеќе од половина нагласуваат дека би ги мотивирале пониски цени за во иднина повеќе да се осврнат кон современите методи за купување на производи. Исто така, истакнуваат дека би биле повеќе заинтересирани за овој вид на купување доколку би биле сигурни во квалитетот на производите кој им се испорачува, а самиот процес на купување на производи да е поедноставен.

„Потрошувачите за време на карантинот добија прилика да се запознаат подобро со е-трговијата, имајќи во предвид дека тоа е единствен безбеден начин за купување и набавување на неопходните производи. Епидемијата предизвикана од COVID-19 ја забрза дигиталната трансформација ширум светот. Македонците го следат овој тренд и се префрлаат на трговија која е од дигитална природа, бидејќи сакаат намирниците и другите производи да ги набавуваат на брз и безбеден начин. Со цел да одговори на новонастанатите потреби на купувачите, Visa неодамна ја претстави Visa Secure, која користи 3DS технологија. Се работи за глобално прифатено решение за потврдување на идентитетот со намена да ја зголеми безбедноста на трансакциите на е-трговијата во реално време. Со примена на новите стандарди за плаќање преку интернет, сакаме да го направите искуството при онлајн купувањето едноставно и достапно“, изјави Владимир Ѓорѓевиќ, генерален директор на компанијата Visa за Југоисточна Европа.

Кога станува збор за земјите од регионот, добри резултати во поглед на е-трговијата бележи Србија, каде 70 проценти од граѓаните купуваат преку интернет. Во Босна и Херцеговина исто така расте интересот за веб продавници, имајќи во предвид дека 56 проценти од испитаниците се имаат определено за овој вид на купување, додека во Албанија истото достигнува 59 проценти, а во Црна Гора тоа е секој втор граѓанин.

Компанијата Visa е посветена на пружање поддршка на бизнисите кои се погодени од пандемијата и сака со својата експертиза, анализа на податоци и производите да им овозможи што поскоро да застанат на нозе. Во наредниот период, светскиот лидер во дигитални плаќања ќе ги претстави резултатите од целокупното регионално истражување, со цел да ја запознае јавноста со новитетите и потрошувачките навики и на тој начин да им помогне на владите и компаниите при носењето на важни одлуки. Истражувањето е спроведено во текот на месец мај, на примерок од по 500 корисници на картички во земјите од регионот, на возраст од 18 до 55 години.

Претходна статијаПопуларната апликација за попусти Grouper.mk сега достапна и на AppGallery на Huawei
Следна статија„Ниту едно дете не треба да расте само” – ЈП Водовод и канализација – Скопје продолжува со поддршка на СОС Детско село