Луѓето се соочуваат со потешкотии да одберат филм доколку им се понуди преголем избор. И не само филм, генерално луѓето се љубопитни суштества. Што поголем е изборот, тие до бескрај ќе талкаат во потрага да најдат нешто подобро.

Кога се работи за бирање на филм ова особено доаѓа до израз. Некои за тоа дополнително ќе го обвинат интерфејсот. Меѓу нив можам со сигурност да се вбројам бидејќи имам проблем со инспирацијата дури и на YouTube. Мојата нервоза најчесто завршува со пуштање нешто проверено, веќе гледано милион пати.

Корисникот на Reddit под псевдоним CrazedEll, меѓутоа, има друг начин на менаџирање со својот бес предизвикан поради лошата, според некои, организација на содржината на Netflix. Тој решил да креира посебен сајт, на кој ќе ги поправи оние елементи кои не му се допаѓаат. Па така, на адресата flixable.co ќе ги најдете сите содржини достапни на Netflix, меѓутоа аранжирани малку поинаку.

На Flixable ќе ве пречека листа со филмови, подредени по обратна хронологија од денот кога се додадени. Како и да е, можете да ги филтрирате според жанрот, рејтингот или пак денот на премиерно прикажување. Дополнително во горниот десен агол се наоѓа традиционалниот search bar. Во него може да пребарувате конкретни актери или филмски наслови.

Интерфејсот на сајтот е мошне едноставен и практичен. Еден од најважните детали е што е потполно компатибилен за мобилни уреди. На тој начин ќе можете со часови да бирате и разгледувате од удобноста на вашиот кревет. Главната предност која ја нуди е тоа што самите можете да избирате и разгледувате според ваш вкус. Ослободени сте од она што Netflix буквално со сила сака да ви го промовира во одреден период.

Корисниците се особено задоволни од можноста да имаат увид во филмовите и сериите кои „си заминуваат“ од платформата во наредниот период. Така корисникот е потсетен да одгледа некоја содржина пред истата да стане недостапна.

Сумирано во една реченица: На светот му требаат повеќе нервозни луѓе од типот на CrazedEll.

Извори: Cnet, LifeHackerFlixable

Претходна статијаПристигна Самсунг Галакси А8(2018)
Следна статијаiPhone X нема задоволителен број на нарачки – можно е негово откажување по претставување на наследникот?