samsung-gear-s2

На само неколку дена до започнувањето на IFA 2015 настанот во Берлин, Samsung го претстави својот најнов паметен часовник. Овој пат се работи за часовник направен во тркалезна форма, нешто што се покажа како доста популарно кај корисниците кои што сепак на раката сакаат да носат нешто што изгледа како обичен часовник.

Новиот часовник го носи името Samsung Gear S2 и ќе им нуди на корисниците избор од два модела кои што се разликуваат по изгледот. Едниот ќе има нешто помодерен изглед, додека вториот соодветно наречен S2 Classic ќе биде направен да изгледа како обичен часовник.

samsung-gear-s2-classic

Gear S2 ќе работи на Tizzen OS од Samsung, а не на Android Wear, чекор на кој што од компанијата не ретко се одлучуваат кога се работи за паметните часовници.

Интересно кај овој модел е можноста за навигација низ менијата на оперативниот систем користејќи ја движечката рамка. Ова како што истакнуваат од Samsung треба да овозможи многу полесна и интуитивна интеракција со корисничкиот интерфејс.

Samsung Gear S2 доаѓа со 1,2 инчен тркалезен Super AMOLED екран со резолуција од 360 на 360 пиксели што му дава нивна густина од 302 ppi. Ова треба да овозможи одличен приказ на работите на малиот екран без можност за забележување на пикселите.

Gear S2 исто така вклучува и процесор кој што работи на 1 GHz и 512 MB RAM меморија, како и 4 GB внатрешна меморија за складирање.

Samsung за овој модел се реши да овозможи и поддршка за e-SIM со што му се овозможува работа на часовникот без потреба од поврзување со телефон. Сепак, сега за сега, паметните часовници најдобро работат како продолжение на мобилните телефони, но изборот за корисниците е секогаш добредојден.

Од Samsung најавуваат дека часовникот би требало да издржи 2 до 3 дена на користење, по што ќе треба да биде наполнет преку безжичниот полнач кој што доаѓа со него.

Извор: Samsung, Gizmodo

Претходна статијаBoeing Silent Strike – ласерско оружје против безпилотни летала
Следна статијаApple во соработка со Cisco ќе го шири iOS и во бизнис светот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.