Актуелните VR уреди се или основни „лулки“ во кои можете да го ставите вашиот смартфон и да гледате виртуелни видеа или пак да играте обични виртуелни игри, или пак моќни VR уреди како Oculus Rift и HTC Vive наменети за сериозен гејминг, кои мораат да се поврзат со моќен десктоп или лаптоп компјутер (иако наскоро за Windows 10 ќе има и уреди кои ќе работат со послаби компјутери). Отсега, благодарение на новиот Snapdragon 835 чип, на пазарот ќе има и преносни VR уреди кои нема да треба да користат смартфон.

Овие уреди ќе имаат се што е потребно во нив, односно истите компоненти кои би ги нашле кај еден смартфон од високата класа, како 4 GB рам и 64 GB простор. Snapdragon 835 чипот треба да биде прилично моќен и може да се очекува без проблем да се справи со сите мобилни VR игри, иако не очекувајте комплексност на ниво на Oculus Rift и HTC Vive.

VR уредите со Snapdragon 835 ќе имаат WQHD дисплеј со резолуција од 2560х1440 пиксели, што е веројатно минимумот за ваков уред. Тие ќе бидат опремени и со две надворешни камери, со цел да му овозможат на корисникот препознавање на околината и слобода на движење во 6 насоки, а ќе вклучуваат и плејада на сензори како жироскоп, акцелерометар и магнетен компас. Уредите ќе имаат и две црно-бели камери во внатрешноста, кои ќе ги следат очите и нормално безжична Wi-Fi и Bluetooth конекција. Оперативниот систем ќе биде Android, што е очекувано.

Мобилните уреди за виртуелна реалност се дел од напорите на Qualcomm да заземе важно место во „виртуелната револуција“. Тие во второто тримесечје на оваа година веќе ќе им понудат работни верзии на дивелоперите, со цел да бидат развиени што повеќе апликации кога ќе бидат лансирани првите уреди кон втората половина на 2017. VR уредите инаку нема да ги изработува Qualcomm, туку тие ќе бидат произведени од хардверските партнери, слично како што е случај со графичките картички на пример.

VR технологијата на Qualcomm премиерно ќе биде прикажана на MWC саемот во Барселона, кој почнува на 27 февруари.

Извор: VR Source, PC World, NDTV

Претходна статијаTesla објави план за изградба на пет Гигафабрики
Следна статијаTesla најави дисплеј на ветробранското стакло на Model 3