oculus-rift-gallery-5-1

Првиот сериозен играч во виртуелната реалност, Oculus Rift, стигна до очите на новинарите од светот на технологијата и веќе излегоа првите рецензии. Критиките се главно позитивни, но останува фактот дека се работи за уред од прва генерација и има уште многу работи што треба да се средат за да се добие „перфектниот“ уред за гледање виртуелна реалност.

Позитивните критики главно се однесуваат на оние работи со кои играчот ќе се сретне на самиот почеток. OLED дисплеите имаат резолуција од 1080х1200 пиксели – по еден за секое око, што според повеќето е доволно за остра слика, иако не на нивото на 2D мониторите со повисоки резолуции.

oculus-rift-gallery-6-1

Во превод, бидејќи дисплеите се многу блиску до очите, пикселите ќе можете да ги видите ако навистина се потрудите, што значи дека целосниот квалитет на графиката не е на тоа ниво на кое се гејмерските монитори денес. Од друга страна, дисплеите целосно го опфаќаат видот, односно играчот нема да се чувствува како да гледа преку прозор, туку буквално како да е во друга реалност.

Пофалби има и за системот за следење на движењето на главата, како и за недостатокот на „вртоглавица“ при подолго користење на Rift кај повеќето рецензенти. За разлика од другите решенија за виртуелна реалност, поголемиот дел јавуваат дека без проблем го користеле уредот повеќе часови без да им се слоши, иако има некои кои имале помали проблеми. Голема заслуга за ова има што дисплеите се освежуваат со фреквенција од 90 Hz, што придонесува за многу мазно движење при акционите сцени и вртењето на главата.

oculus-rift-gallery-3-1

За разлика од претходните верзии наменети за дивелоперите, тука рецензентите на големо ја фалат и удобноста на уредот и покрај масата од 470 грама. Очилата се ставаат со целосно различен механизам, кој не се врзува со еластична трака туку со пластика која оди преку ушите, додека слушалките се прикачени на Rift. Сето ова е направено за да се намали притисокот на носот и околу очите и го прави финалниот производ многу поудобен и е уште едно олеснување во долгочасовното користење на уредот.

Кабелот има должина од 4 метри и е поставен во задниот дел на главата и во него вклучува HDMI 1.3 конектор и три USB 3.0 конектори и скоро сите рецензенти јавуваат дека е скоро незабележлив при користењето.

Главните критики за Oculus Rift се однесуваат на софтверската страна. На пример, пазарот за игри кој е екстензија на Steam има 30 игри во почетокот, што е солидно, но има и многу недовршени работи, како на пример тоа што иако ја има листата со пријатели на играчот, тој не може да комуницира со нив, ниту пак да види дали играат во тој момент за да се поврзе. Засега, игрите може да се инсталираат само на “C” драјвот, што е големо ограничување.

oculus-rift-gallery-2-1

Исто така, Rift не може да прикаже нотификации од Windows оперативниот систем и за да проверите ќе мора да ги извадите и да продолжите на мониторот. Некои игри имаат можност да се играат и на Oculus Rift и на монитор, но при префрлањето го губите звукот, кој во тој момент се слуша само на слушалките на уредот. И да, Rift мора да е приклучен за да ја играте истата игра на мониторот.

И на крај, многу важно за гејмерите – Oculus Rift не може да снима видео од играта, ниту пак да слика „скриншот“, а да не зборуваме за пренос во живо на Twitch. Ова значи дека играњето нема да може да го споделите со заедницата, нешто што може да се покаже како големо ограничување.

Да потсетиме, Oculus Rift може да функционира само со многу моќен компјутер, кој има минимум NVIDIA GTX 970 или AMD 290 графички карти, Core i5-4590 процесор и 8 GB рам меморија, како и Xbox One џојстик – уредот не функционира со други начини на интеракција.

oculus-rift-gallery-7-1

Сите овие недостатоци секако може да се проголтаат – оние кои ќе го купат уредот веројатно се спремни на неколку компромиси. Она што е најважно е што Oculus Rift нуди одлично визуелно и аудио искуство, кое е најблиско до реалноста од сите вакви уреди и ако имате 600 долари наоколу и немате проблем со тоа да се збогувате со вистинската реалност, веројатно вреди да ги потрошите.

Извор: ARSTechnica, Mashable, Engadget

Фото: Engadget

Претходна статијаFBI успешно го отклучи познатиот iPhone – ја откажа судската постапка за помош од Apple
Следна статијаXiaomi подготвува 4,3 инчен конкурент на iPhone SE со супер моќни перформанси