Како што очекувавме, на денешното официјално претставување на OnePlus 11 за остатокот од светот, по претставувањето во Кина минатиот месец, OnePlus го претстави и својот прв таблет компјутер, OnePlus Pad.

Таблетот е направен со специфичен дизајн, карактеристичен за компанијата, па дефинитивно ќе го привлече вниманието на фановите, но и на останатите корисници.

Прво нешто кое е карактеристично за OnePlus Pad е форматот на екранот, кој е направен во 7:5 сооднос, нешто што е повисоко во хоризонтална позиција од повеќето таблети на пазарот, но не како што е iPad од Apple со нивниот 4:3 формат. Од OnePlus таблетот го нарекуваат првиот во светот со овој формат, па дури му имаат дадено и име, ReadFit.

Со ова сакаат да кажат дека OnePlus Pad има формат сличен на книгите и овозможува одлично корисничко искуство.

Големината на екранот е 11,61 инч и за жал е изработен во LCD технологијата, односно не е OLED или AMOLED екран. Сепак, останатите карактеристики му се одлични, па доаѓа со резолуција од 2800 на 2000 пиксели и има прилагодлива стапка на освежување од 60 до 144 херци. Стапката на освежување при допир се менува од 120 до 144 херци. Максималната светлина која може да се добие од овој екран е 500 нити.

OnePlus Pad работи на Dimensity 9000, чип кој е одличен, но не е најновата верзија од оваа класа на MediaTek. Меморијата на таблетот е со 8GB LPDDR5 и 128GB UFS 3.1 за податоците.

Батеријата е со капацитет од 9510 mAh и може да се полни со брз полнач со 67W, додека од OnePlus најавуваат околу 14 часа на гледање видео содржина.

Што се однесува до камерите, на задната страна, во модул сличен како кај OnePlus 11, вградена е камера со 13 мегапиксели, а на предната страна камера со 8 мегапиксели.

OnePlus Pad може да се пофали и со поддршка за Dolby Atmos и Vision, како и четири звучници со таканаречената Omnibearing Sound Field технологија, за која секако дека од компанијата истакнуваат дека е ексклузивна за нивниот таблет.

OnePlus исто така посебно ја истакнува можноста за лесно поврзување со останатите OnePlus уреди, нешто што долго време беше една од најголемите предности на Apple екосистемот, но гледаме дека и Android конкурентите веќе не се лоши на тој план.

Цената на OnePlus Pad уште не е објавена, а треба да почне да се продава од април во САД, Европа и Индија.

Презентацијата на OnePlus 11, OnePlus Pad и останатите производи денес, можете да ја погледнете на следното видео.

Претходна статијаСудија ја има искористено ChatGPT алатката за да донесе пресуда
Следна статијаMicrosoft ја претстави новата верзија од Bing помогната од вештачка интелигенција
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.