meMINI

Kickstarter  проектот meMINI е камера чија цел е да ги зачува на видео вашите најинтересни моменти во секојдневниот живот.

Камерата која е со димензии од 62,5 х 40 х 21,5 милиметри, е предвидена да се носи прикачена за вашата облека со помош на дводелен магнетен систем. Главна карактеристика на оваа камера е можноста да снима во „круг“, така што доколку се случи некој интересен момент истиот може да го зачувате со едноставно притискање на копче.

meMINI камерата може да снима видеа со резолуција од 1920×1080 и 1240×720 пиксели, а има и вграден микрофон за снимање на звук. Капацитетот на меморијата е 32 гигабајти, додека батеријата е со капацитет од 1.800 мили-ампер часови што ќе ви овозможи до 3 часа непрекинато снимање.

На камерата е присутен еден USB 2.0 конектор, како и Wi-fi и Bluetooth модули за комуникација со вашиот телефон. Комуникацијата се одвива преку meMINI апликацијата со која може да се контролираат функциите на камерата и да се гледаат и споделуваат снимените видеа.

meMINI проектот ги има собрано проектираните 50.000 долари на Kickstarter и се очекува да се појави во продажба во јуни по цена од 170 долари.

Претходна статијаZTE претстави мулти-функционален проектор
Следна статијаTegra K1 скоро четири пати побрз од својот претходник