Поради огромниот број на сервиси кои што се користат во денешно време, лозинките се важен дел од нивната сигурност, нешто што голем број на корисници се’ уште не доволно сериозно го разбираат. Тие користат едноставни лозинки или една лозинка ја користат на повеќето од сервисите, па доколку дојде до откривање на таа, сите нивни сервиси се загрозени. Од друга трана има корисници кои што сериозно пристапуваат на заштитата на нивните онлајн сервиси, па користат сложени лозинки, како и различна лозинка за секоја посебен сервис. Ова може да претставува проблем за тоа како овие лозинки да ги зачувате на сигурно место, каде што не можат да бидат украдени, а во исто време да ви бидат достапни секогаш кога ќе ви притребаат.
Може слободно да се каже дека решение на овој проблем се сервисите како LastPass, меѓутоа развивачите од една австралиска компанија сметаат дека можат да направат уште посигурен начин на чување на вашите лозинки.
За таа цел тие го имаат развиено Gilmo, мал уред кој што е наменет да ги чува сите ваши лозинки или слични информации. За побрзо работење и користење на помалку компоненти, бројот на информации кои што можете да ги внесете е ограничен на 200. Работи преку екран на допир и едноставно мени кое што овозможува внесување на нови и менување на лозинките, како и нивно бекапирање. Сите информации кои што се зачувани на Gilmo се енкриптирани со AES енкрипција и нивното крадење е прилично тешка задача.
Најважниот начин на работа на Gilmo, кој што треба да го овозможи високото ниво на заштита е фактот што овој мал уред не може да биде поврзан на компјутер или на било кој друг уред. Тој не вклучува Wi-Fi, Bluetooth или било каква друга конекција, а направен е да кога ќе го вклучите преку USB портата на компјутерот, да не биде препознаен како уред, па истиот да може само да биде наполнет. Батеријата со едно полнење треба да издржи до една недела на користење.
Gilmo исто така доаѓа со додатен уред наречен Backup Buddy на кој што може да се направи бекап на податоците каде што исто така ќе останат енкриптирани и до нив ќе може да се пристапи само со главната лозинка. Овој уред може да се користи доколку го изгубите Gilmo, па податоците да ги префрлите на новиот уред. За заштита, доколку главната лозинка на Gilmo биде три пати згрешена, сите податоци на него се бришат.
Сепак се поставува прашањето дали онлајн менаџерите на лозинки кои што се навистина популарни и нудат енкрипција на податоците, на се доволно добри за да се појави потребата од ваков уред. Исто така, онлајн менаџерите нудат можност за автоматско внесување на лозинките преку додатоци за прелистувачите, апликации за мобилните уреди и слично.
Доколку се земе бројот на поддржувачи на Kickstarter платформата каде што е претставен Gilmo, односно 15 од кои што се собрани само 2.500 австралиски долари од потребните 200.000, може да се заклучи дека сепак корисниците не го сметаат овој производ за неопходен и интересен.
Извор: Kickstarter, VentureBeat