Со години читаме за можниот влез на Apple на пазарот на уреди на преклоп, односно уреди со екрани кои се превиткуваат. Како главна причина за константното одложување на оваа одлука се верува дека е неможноста да се направи екран кој нема линија на местото на превиткување, а доказот за тоа го гледаме кај уредите кои се веќе на пазарот.
Главната гласина поврзана со Apple беше дека тие нема прво да претстават iPhone кој се превиткува, туку iPad, а подоцна тука се вклучи и можноста за Mac на преклоп.
Сега, работите одат во поинтересен правец, па најновите најави тврдат дека во 2026 година Apple ќе ги претстави двата уреди, односно iPad или Mac на преклоп, како и iPhone на преклоп.
За iPhone уредот кој би бил на преклоп се најавува дека ќе биде во „флип“ стилот, односно од Apple не планираат конкуренција на Galaxy Z Fold, Pixel 9 Pro Fold и останатите.
Тоа што јас би сакал да видам е iPad на преклоп, наместо Mac, а практичноста на ваквите уреди мислам дека тогаш би дошла најмногу до израз. За нормалното користење на таблет компјутерот би имале нешто помал формат, сличен на iPad mini, а тој уред би можел да се отвори во доста поголем таблет погоден за посериозна работа.
Има уште доста до годината која ја најавуваат гласините, па којзнае уште што се нема да прочитаме до тогаш, додека Apple навистина влезе на овој пазар, ако воопшто.