За време на CES 2022 настанот, кој се одржа минатата недела традиционално во Лас Вегас, TP-Link го презентираше нивниот рутер, Archer AXE200 Omni. Овој нов рутер ги дели карактеристиките со останатите рутери од компанијата од највисоката класа, но се издвојува по една која прави да моментално тој е прототип производ.
Антените на AXE200, кои ги има четири, автоматски се подигаат и насочуваат, а со тоа овозможуваат најдобар сигнал што е можно.
Тука секако може да се постави прашањето дали една ваква карактеристика е навистина потребна и дали може да направи голема разлика во сигналот, но дефинитивно остава „футуристички“ изглед и многу луѓе би сакале да го имаат.

Што се однесува до останатите карактеристики, AXE200 е рутер со најдобрите карактеристики достапни во овој момент. Wi-Fi 6E поддршката е секако тука, а достапна е и дополнителна фреквенција покрај стандардните со 5 и 2,4GHz. Фреквенцијата со 6GHz треба да овозможи постабилна врска без пречки од големиот број на уреди кои се поврзани на рутерот, но и во околината.
Од TP-Link не дадоа информација кога овој рутер би бил пуштен во продажба, па и дали воопшто се планира такво нешто.