Apple вчера ја претстави четвртата генерација од нивните безжични слушалки, AirPods 4. Се работи за скоро целосно преработени слушалки со напредок на сите аспекти, но главната новина е во можноста да се купи верзија од ANC – Active Noise Cancelation.
Со ова основните слушалки од Apple, односно тие со пониска цена, стануваат доста повредни и попривлечни за повеќе корисници, па заедно со подобрениот квалитет на звук, сигурен сум дека продажбата ќе биде доста голема.
AirPods 4 продолжуваат да бидат дизајнирани без додатни „гумички“, но затоа од компанијата истакнуваат дека се направени со истражување на повеќе илјади форми на уши за подобро да се погодат.
Подобрувањата кај квалитетот на звукот се нешто што посебно беше истакнато на презентацијата, а тоа се добива со целосно нова акустична архитектура, засилувачи, односно целата структура на слушалките.
AirPods 4 добиваат и нов чип, H2, со што се добиваат функции како изолација на звукот при телефонски разговори, интеракција со Siri и слично.
Apple сепак се одлучи да ANC функцијата ја понуди како посебна верзија од AirPods 4, која чини нешто повеќе, па корисниците кои сметаат дека им е потребна ќе можат да доплатат.

Од компанијата на презентацијата ги споменаа и AirPods Max, меѓутоа овие слушалки не добија ништо ново, дури ни понов чип, па корисниците само ќе имаат можност да ги купат во избор од повеќе бои, како и USB C приклучок.
AirPods Pro се тие кои ќе добијат интересни новини, иако не беше претставена нова верзија од нив. Овие слушалки добиваат можност за тестирање на слухот на корисникот, нешто што се истакнува дека е научно потврден како тест.

Уште поинтересно, нешто за што се говори со години, AirPods Pro ја добиваат можност да се користат како помош за слушање. Корисниците ќе можат да ги користат овие слушалки за подобро слушање и со тоа се трга потребата од купување на посебните вакви уреди, барем ќе видиме дали тоа навистина е така.