Amazon во текот на вчерашниот ден ја освежи нивната серија на Kindle уреди со нови генерации, а претставија и еден нов кој мислам ќе биде најинтересен за корисниците. Од компанијата го претставија првиот Kindle со екран во боја, а истиот е наречен Kindle Colorsoft.
Со додавањето на екран во боја корисниците сега ќе можат да ги гледаат насловните страни од книгите во боја, односно како што се замислени, ќе можат доста подобро да ги гледаат сликите во самите книги, а ја добиваат и можноста од Kindle апликацијата за обележување на текстот во боја.
Kindle Colorsoft ги задржува карактеристиките од останатите Kindle уреди и покрај додавањето на екран во боја, па корисниците можат да очекуваат уредот да издржи цела недела пред да треба да се полни, а тука се и перформансите како брзината на промена на страните и слично.
За потсетување, веста за Kindle со екран во боја секако е голема поради тоа што овие уреди користат e-ink екран, односно не користат класични LED или OLED екрани.
Бојата е додадена со помош на LED пиксели во комбинација со оксидна основа, односно позадина, а оваа технологија веќе се користи кај некои од конкурентите.
Друг уред кој беше претставен е Kindle Scribe, уред кој ја носи функционалноста на Kindle на наредно ниво со можноста за пишување белешки со пенкалце. Поради e-inc технологијата на екранот, овој уред треба да овозможи искуство кое е скоро исто со пишувањето на хартија.
Kindle Paperwhite добива нова верзија која се истакнува дека е доста побрза, односно овозможува многу подобро искуство при разгледувањето на книгите, нивното читање, а промената на страните е побрза за 25%.
Основната и најмала верзија од Kindle добива подобрувања кај перформансите исто така, а добива и нова боја.