Кај нас Amazon можеби не е голем играч, особено поради тоа што нашите граѓани и не можат да се претплатат на повеќето негови сервиси, но во западните земји тие се и тоа како успешни – нивниот извршен директор на пример е рамо до рамо со Бил Гејтс како најбогат човек во светот.

Еден од нивните најуспешни сервиси е дигиталниот асистент Alexa и придружните уреди, како на пример паметниот звучник Amazon Echo, кои ги има во „скоро секој“ американски дом.

Благодарение на успехот на својот дигитален асистент во домовите на корисниците, Amazon сега работи и на геџет со кој корисниците ќе можат да разговараат со Alexa и додека се излезени. Се работи за паметни очила, кои интересно нема да имаат вградена камера или можност за прикажување на холограмски информации во околината како Google Glass или Microsoft HoloLens, но ќе имаат вграден чип кој ќе може да се поврзе на интернет преку смартфонот, вградени слушалки со кондукција преку черепот (очилата буквално го вибрираат черепот и го пренесуваат звукот до ушните канали) и секако вградена Alexa со која корисникот ќе може да разговара.

Ова значи дека очилата ќе бидат прилично евтини, бидејќи во нив нема некоја напредна технологија која би ја кренала цената, туку само Bluetooth чип кој може да ве поврзе со телефонот, како и чип кој ќе може да препознава основни команди, како на пример повикувањето на самата Alexa.

Цената на истите очила ќе биде уште толку пониска бидејќи ќе се продава преку мрежата на Amazon, кои секогаш ги продаваат своите уреди поевтино со цел потоа корисниците да ги користат нивните софтверски сервиси.

Според најавите од истите извори кои јавуваат за очилата на Amazon, компанијата работи и на целосни системи за заштита на домовите, односно систем на камери кој може да биде целосно контролиран преку Alexa и нејзините можности.

Извор: Engadget, Madison, Upload VR

Претходна статијаTesla е кралот на Drag трките
Следна статијаФОРУМ: Регулатива на работните односи и пазарот на труд во ИКТ секторот