Дедпул е еден од највпечатливите ликови кои постојат во Марвел универзумот, познат по тоа што е свесен дека е фиктивен лик. Првиот дел беше огромен успех, и меѓу критичарите, но и на бокс офисот (над 700 милиони долари светска заработка).

Најважно од се, филмот беше фантастично дочекан и од публиката. Одличните акциски сцени, безобразниот хумор и бескрајните референци на популарни филмови и песни се она што го издвојува овој филм од останатите филмови базирани на стрипови.

Она што ме изненади е тоа што Дедпул 2 има и емоционални моменти. Без да расипувам важни моменти од филмот, истиот започнува со монтажа во која го гледаме Дедпул како масакрира десетици криминалци и мафијаши. Но, кратко потоа, тој се соочува со трагедија, и не знае како да се справи со своите емоции како резултат на загубата која ја доживува. За прв пат, Дедпул се соочува со емоционална криза, но и криза на идентитетот.

Ако во првиот дел, тој беше непоправлив самец, неспособен да делува во тим, во вториот тој е приморан да го стори истото, со мала помош од некои споредни ликови. Кон средината на филмот, Дедпул собира свој тим, кој се нарекува себеси “X-Force”. Ликовите кои се пријавуваат да бидат дел од тимот делуваат како да ќе бидат важен дел во понатамошните случувања (Terry CrewsBill Skarsgård се дел од ликовите). Она што следува во филмот е тотално неочекувано и абсурдно, но пред се, смешно.

Рајан Рејнолдс е роден да го игра Дедпул. Дури се чини како Дедпул да е продолжение на неговиот лик во реалниот живот. Одлично глуми и Morena Baccarin, во улога на девојката на Дедпул.

Како и првиот дел, и овој изобилува со цинични и саркастични изјави изустени од главниот лик. Како и во првиот дел, и во овој, после 20-тата таква шега, останатите стануваат малку досадни. Но, Дедпул 1 и 2 се филмови кои во голема мера се потпираат на шеги и референци, на сметка на драматичните сцени, кои сепак не се изоставени во целост.

Сепак, имам чувство дека во случај режисерот и сценаристите да одлучеле да го „стишат“ хуморот на сметка на драмата, Дедпул 2 ќе беше уште подобар филм. Можеби Дедпул ликот го менува својот идентитет, но филмот се држи до старата добра формула која му донесе извонреден успех на првиот дел.

 

Претходна статијаПетар Ниновски: Brainster е училиштето на иднината
Следна статијаVR ќе биде иднината на друштвените мрежи?