Поминаа две години од претставувањето на најновата верзија од USB4 стандардот, поточно USB4 2.0 верзијата, па дури сега полека ќе почнат да излегуваат кабли кои ја поддржуваат оваа верзија.
Според информациите, во Јапонија се очекува првиот ваков кабел да биде претставен од страна на Elecom во декември. Изгледа достапноста ќе биде само на јапонскиот пазар, но може да се очекува и други компании да се приклучат.
Врз основа на оваа информација можеме да очекуваме дека USB4 2.0 каблите ќе почнат да излегуваат помасовно идната година, а секако тука треба да следи и поддршката од страна на производителите на матични плочи и друг хардвер, како и оперативните системи.
Како што можевме да прочитаме уште пред две години, USB4 2.0 ја дуплира брзината на пренос на податоци и ја донесува до 80Gbps. Корисниците со тоа добиваат можност за поврзување на монитори со поголема резолуција, како и можност за поврзување на повеќе монитори со висока резолуција или повеќе различни уреди, зависно од потребите.
Elecom ќе понуди две верзии од новиот кабел, двата со можност до 80Gpbs брзина, а ќе се разликуваат од можноста за полнење на уредите. Едниот ќе овозможува полнење до 60W, додека вториот до одлични 240W.
Дел од постарите USB4 кабли ќе имаат поддршка за брзините од USB4 2.0, но кај новите поддршката ќе биде подобра и во повеќе форми и намени.