artificial_intelligence

Луѓето немаат зголемена перцепција дека синтетичката интелигенција (СИ или ВИ) може да претставува закана по нив. Причината за ова е дека СИ се воведува постепено и стабилно во нивните животи, и тоа на начин кој најчесто им помага – а што има страшно во тоа нели?

Меѓутоа, СИ која постои денес и која е воведена со цел да помогне (барем кога се работи за цивилни цели) е само блед предок од СИ која ќе постои за само 10 години отсега. Луѓето ја користат СИ денес за да им врши разни работи или да им олесни операции, но не се свесни што и како точно ги извршува задачите. Ниту пак се свесни за практично неограничениот потенцијал за развиток, за разлика од човечката биологија која веќе ни го дала максимумот кој можеме да го имаме на овој стадиум од нашиот еволуционен развиток.

Затоа оние кои сакаат да знаат каде се наоѓаме во однос на оваа тема треба да се свесни што сè може да постигне СИ во овој момент, а ние сме тука да ви предочиме.

Превод во реално време

Денешната СИ веќе може да прави симултан превод дури и на тоа што го зборувате покрај пишан текст. Сите знаеме за Google Translate и колку ни има помогнато во некои ситуации, но дали сте свесни дека Skype и Google Translate неодамна го вметнаа алгоритамот за симултан превод во нивните апликации и сервиси?

Google Translate сега веќе нуди и надградена реалност. Кога ќе ја насочите камерата кон некој знак испишан на непознат јазик таа на екранот ви го преведува текстот. Воедно нема потреба да одбирате јазик бидејќи сервисот сам препознава кој е јазикот кој се говори и симултано го преведува.

Од друга страна NSA веќе деценија работи на следење и симултано преведување на кажани зборови во пишан текст, кој потоа, нормално, може да се преведува и анализира за „битност“.

Ефект врз луѓето: губење на работа за преведувачите и маргинализација на студиите на јазици; можност за машинско следење на сите комуникации во светот и нивно разбирање; губење на приватноста на искажаните зборови ако уредот е до вас.

Суперчовечко препознавање предмети и локации

Алгоритмите почнуваат да стануваат поспособни од луѓето во некои традиционални улоги. Имено, најновите алгоритми од типот на Google DeepMind се многу способни да препознаат што има на некоја слика или видео и тоа во реално време.

Од друга страна на Facebook веќе не му е потребно вашето лице за да ве препознае на фотографии, што ќе се согласиме дека е вид на магија. Впрочем, како што самиот Артур Кларк ќе изјави: „Секоја доволно напредна технологија не се разликува од магија“.

Ефект врз луѓето: практично губење на приватноста кога сте излезени надвор; потенцијално губење работа за туристички водичи бидејќи лесно можат да бидат заменети со надградена реалност која ќе препознае и раскаже што гледа на сликата (на пр. Ајфеловата кула); брзо и ефикасно сортирање и оддржување на складишта; брза и ефикасна реакција на роботи во случаи на незгоди како урагани, торнада и земјотреси; итн.

Автономен транспорт

Колите на Google веќе возат сами и се снаоѓаат низ сообраќај, а тие на Tesla Motors само што го тестираат независниот автопилот кој наскоро ќе стане достапен за сопствениците. Добро, понекогаш предизвикуваат и несреќи кои за среќа засега се незначајни, а во некои ситуации не се снаоѓаат баш најдобро. Засега.

Тоа секако не значи дека нема да се поправи во иднина, туку баш напротив.

Ефект врз луѓето: маргинализација на човечките возачи на транспортни возила; маргинализација на потребата од поседување лично возило; оптимизација на потрошувачката на енергија поради синхронизација на возила во колона со помош на алгоритми; оптимизација на изминат пат; можност да се седи на Facebook или да се избричи човек додека патува накај работа (ако уште постои работа во канцеларија?!); итн.

Препознавање и сфаќање на пишан текст

496822526

Трик прашање: каде се приправниците на иднината? Учат програмирање или се на антидепресиви.

Дали сте свесни дека и денес постојат алгоритми кои се способни да препознаат и да извлечат контекст и значење од пишан текст?

Во ред, можеби сè уште не се толку способни како луѓето, но гледајќи ги погорните примери само прашање на време е кога ќе им „носиме вода“ и во оваа работа. На пример, во најнов експеримент алгоритмите биле тренирани да препознаат човечки однесувања преку читање фантастика.

Испаѓа дека луѓето пишуваат фантастика која се поклопува со типичните наши реакции во вистинскиот живот. Како што ќе изјават од Стенфорд: „Карактерите во модерната фантастика ги палат светлата кога влегуваат во соби; на комплименти реагираат со црвенеење; не одговараат на телефон додека се на состаноци“.

Сепак, тие кои веќе го осеќаат притисокот се традиционалните адвокатски приправници. Имено, нивната работа досега беше аргатска – читаат илјадници страници текст во закони и други документи и го вадат тоа што е од интерес на адвокатот или компанијата во која работат. Сепак, не повеќе. Имено, постојат алгоритми кои за делче од цената за оддржување на армија приправници веќе можат да пребаруваат низ купишта текст и да вадат потребни контексти и информации.

Со таков развиток кому се потребни приправници?!

Ефект врз луѓето: очигледно – губење на работа за приправници; како и на читачи и прераскажувачи на текстови; а соодветно и маргинализација на потребата да се прочита цела книга или текст бидејќи алгоритмот ќе ни ја раскаже.

Рудиментирана композиција на музика, слики, текстови, и дизајн

Можеби ќе се согласите дека алгоритмите стануваат суперспособни за некои традиционални мануелни работи кои беа наведени погоре, но никогаш нема да бидат способни да создаваат креативни дела како луѓето?!

Размислете подобро.

Имено, веќе пишувавме за алгоритам кој има способност да имитира уметнички стил на разни сликари и тој да го примени врз други дела. Да, тоа значи дека постои алгоритам кој може да примени кубизам врз ваша Instagram фотка без да има потреба да го будите Пикасо од гробот.

Од друга страна ниту композицијата на музика е далеку од допирот на умот на СИ.

Што е со пишувањето текст? Како би изреагирале кога ќе ви кажеме дека постојат алгоритми кои не само што напишале текст, туку и тој текст бил прифатен за објава во научни публикации, без разлика што бил тотални глупости?! Сега замислете кога ќе се спои способноста за убаво пишување со способноста за препознавање значење во текст – имаме суперспособна машина која ќе „штанца“ текстови побргу него ли целото човештво заедно.

Воедно алгоритмите веќе дизајнираат згради и предмети, па би било чудно да не се очекува да влезат во сите креативни активности кои луѓето ги прават.

Ефект врз луѓето: маргинализација на авторите во сите традиционални човечки креативни сфери.


Изгледа дека ни нема спас од СИ и дека наскоро огромен процент од работните места ќе бидат исполнети со роботи и алгоритми, а луѓето ќе останат на улица. Тоа го вклучува и растењето на храна и оддржувањето на полиња и фарми.

Ова навистина може да стане реална состојба на работите под услов луѓето да не знаат што се случува и да не преземаат активности за да се прилагодат на новите услови. Имено, алгоритмите и роботите се користат од големите технолошки гиганти за нивните потреби – но и вие можете да се ангажирате за да ги искористите за ваши цели.

На пример, ако имате нива која ви седи необработена, наскоро ќе можете да купите роботизиран трактор кој ќе го програмирате сам да ја ора и сади, а потоа да ја ожнее додека стискате лајкови на Facebook. Не ви се чисти по дома? Купете си робот за чистење бидејќи цените веќе им се пристапни дури и за нас. Тешко ви е да ја запомните годишнината од свадбата? Следниот пат кога ќе ви ја спомне понежната половина само шепнете „OK Google“ , кажете му да запише на тој и тој датум во годината и да ве потсети две недели претходно.

Тоа што треба да го избегнете е да очајувате околу ваквиот технолошки развиток. Едноставно, воведувањето на нова технологија секогаш предизвикувало пореметување на традиционалните пазари на труд, услуги и производи, и преживувале оние кои се снашле.

Само да ве потсетиме: не ја нарекувајте синтетичката интелигенција „вештачка“. Може да се навреди, па случајно да ви го насочи автопилотот кон оближното дрво. Чисто пријателски совет.

Дополнителни информации: Wired, Engadget, Engadget 2, The Intercept

Претходна статијаBMW Vision Next 100 ги најавува наредните 100 години во автомобилската технологија
Следна статијаClaxi со нова и подобрена верзија