terminator_robots-650-80
Фото: TechRadar

Синтетичката интелигенција (СИ) агресивно напредува, а нејзиниот вовед во општествата се заканува да воведе и тектонски промени во начинот на функционирање на луѓето. Веќе пишувавме за заканата по работните места која неминовно ќе следува поради фактот што СИ полека, но сигурно станува поефикасна и поспособна во споредба со луѓето по широк спектар на домени. Тоа значи дека повеќето луѓе би се претвориле во потрошувачи место произведувачи на производи и услуги.

Дополнително, луѓето ќе почнат сè повеќе да се ослонуваат на технологијата за да решаваат разни проблеми и така ќе го тренираат мозокот да биде збир на референци, а не на податоци. На пример, снаоѓање низ просторот ќе биде операција која ќе изискува знаење за ракување со мобилен телефон, а не познавање на просторот во кој се наоѓа човекот; преведување текст ќе биде две-три команди оддалечено од апликацијата Google Translate; и така натаму.

Последиците можат да бидат катастрофални – но од Microsoft тргнуваат да го решат овој потенцијално катаклизмичен развиток на друг начин. Во основа, нивниот пристап се базира на вклучување на сите корисници и особено вработените во компаниите во интеграција со технологијата и нејзино искористување за нивна помош.

Dave-Coplin-Envisioning-Officer-MS-650-80

Така барем смета Дејв Коплин, футурологот при Мicrosoft кој живее во В. Британија. Според него радикалното оддалечување од технологијата не е решение туку само оневозможување на симптомите и себемаргинализација. Најдобриот начин е да се овозможи работниците, корисниците и сопствениците на компаниите да се интегрираат со технологијата за да не бидат оставени назад во трката.

Неговата идеја е да се работи на етичките аспекти на користењето на технологијата, аспекти кои би биле раширени меѓу сите нејзини корисници, што ќе овозможи нејзиниот развиток да оди во посакуван правец. Тој правец е позитивен за луѓето и во најдобар случај би избегнал маргинализирање на нивната улога.

За тоа да се постигне, според него треба да се надминат старите начини на функционирање кај компаниите. Тоа значи да се напушти функционирање фокусирано на оптимизација на процеси т.е. ефикасност и да се насочи кон такво фокусирано на постигнување на цели т.е. ефективност.

За жал, според Коплин, најголемата пречка за воведување на ова решение се самите луѓе бидејќи се отпорни на промени и апсолвирање на нови начини на функционирање кои би им донеле подобри резултати во иднина. Microsoft сака да почне да работи на тоа и да ги „подбуцнува“ корисниците низ развитокот да учествуваат во превземањето контрола на својата судбина и со тоа да избегнат да бидат маргинализирани.

Дали ќе бидат успешни останува да видиме. Засега Дејв Коплин е, како што ќе се нарече самиот, реалистичен оптимист.

Дополнителни информации: TechRadar 1, TechRadar 2, TechRadar 3

Претходна статијаYahoo Mail со подобрен начин на прикажување на линковите во пораките
Следна статијаНема Windows 10 Mobile надградба за уредите со 512MB RAM