Компаниите ангажирани во технологијата, особено оние кои се бават со потрошувачка електроника како телефони, таблети и слично, активно работат на подобрување на карактеристиките на изворите на енергија кои ги имаме во тие уреди. Како што знаеме, во однос на целиот друг напредок на технологијата и сместување на четворо-јадрени чипови на уред помал од дланката, батериите се катастрофални и изгледаат заостанати бидејќи тешко можат да издржат повеќе од 1 ден полнеж.
На помош доаѓа Wi-Charge, компанија во зачеток која сака да создаде систем за полнење на уреди со користење на инфрацрвената светлина. Инфрацрвената светлина има поголема бранова должина од црвената светлина и е невидлива за човечкото око, но таа пренесува енергија која најчесто ја осеќаме како топлина (на пример, кога ќе доближиме рака до некој загреан предмет). Wi-Charge нашле начин како да ја искористат за полнење на мобилни уреди, па дури направија и демонстрација на овој систем. Идејата е вашиот уред да се полни без вие воопшто да мора да мислите каде да го сместите, да најдете штекер, кабел и полнач.
Интересното е што доста од потребната технологија за употреба на инфрацрвените зраци е развиена бидејќи луѓето веќе долго време ги користат за најразлични употреби. Принципот е следен: електричната енергија преку врската со штекерот се претвора во инфрацрвени зраци од уредот направен од Wi-Charge. Потоа овие зраци насочено се пренесуваат до приемник на вакви зраци кои ги претвора повторно во електрична енергија. Ако самиот телефон нема приемник за инфрацрвени зраци, тогаш тој може да се спои со мал уред кој ќе има на себе (преносен полнач).
Единствениот проблем со ваквите зраци е што тие се доста слаби и ефикасни ако се директно насочени и поради тоа се прекинуваат кога ќе поминете со некој дел од телото преку нив. Оваа карактеристика пак им овозможува да не создаваат јонизирачко зрачење и да нема скоро никаква опасност тие да ви предизвикаат лоши појави на кожата како рак и слично.
Ова е навистина интересна технологија, а според Wi-Charge нејзиниот зачеток треба да биде во 2016 година во рангот на цени од 50 – 100 долари, па останува да видиме каков успех ќе има на пазарот. Инаку, ние и претходно пишувавме за многу иновации во оваа област: ИКЕА мебел со места за полнење, брзо-полнечки батерии со огромен животен век, паметен часовник кој ќе се полни скоро моментално и слично.