По воведувањето на можност за поврзување со сателитските мрежи од страна на iPhone 14, оваа година таа можност ќе ја имаат и корисниците на Android. Од Qualcomm ја најавија оваа нова функција за Android смартфоните од повисоката класа, односно тие кои ќе работат на Snapdragon 8 Gen 2 чипот.

Snapdragon Satellite, едноставно е наречена новата функција, а очекувано ќе може да се користи во ограничен број на региони, иако сателитската мрежа ја покрива целата Земја. Во основа, не секаде е потребна една ваква можност, па на пример, нашата мала земја е скоро целата покриена со мрежа, па скоро и да не може да се најде човек во ситуација да не може да добие мобилен сигнал.

Со Snapdragon Satellite, корисниците ќе можат да се поврзат на сателитската мрежа од Iridium и со тоа да испратат кратки пораки во двата правци. Ова е нешто што е навистина корисно за тие кои имаат итна потреба да пратат порака, како што се планинарите, на пример, но и било кој друг кој има итна потреба од комуникација.

Мрежата од сателити на Iridium е поставена во пониската орбита околу Земјата, односно на висина од скоро 800 километри. Ова е нешто што е веќе стандардно кај ваквите сателитски оператори и со тоа се овозможува многу полесна и стабилна комуникација со сателитите, без потреба од посебна опрема, како големите сателитски телефони со огромни антени.

Од Iridium исто така нагласуваат дека нивните сателити ја користат таканаречената L-band мрежа, која треба да е многу поиздржлива при полоши временски услови.

Едни од првите телефони кои треба да ја користат оваа нова функција од Qualcomm се верува дека ќе бидат Galaxy S23 телефоните кои ќе бидат претставени на 1 февруари.

ИЗВОРXDA-Developers
ИЗВОР 2Qualcomm
Претходна статијаПакомак постави нови вендинг машини
Следна статијаАЕТМ: Над 100 пријавени е-трговци за ‘Ecommerce Awards 2022’, рокот за пријавување истекува во петок
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.