Познатата кинеска компанија Oppo денеска ја претстави наредната генерација од нивната технологија за камера под екранот, која можеби наскоро ќе ги тргне исечоците и дупките за селфи камерата од смартфоните.

Ваква технологија се развива и најавува веќе со години, конкретно Oppo ја најави првата генерација од истата во 2019, но никако да ја видиме кај најголемите производители кај најпопуларните модели.

Сепак, на пазарот има достапно смартфон со ваква технологија, ZTE Axon 20 5G, но сепак фактот што смартфоните од овој производител не се доволно достапни во целиот свет, не може да се смета дека како корисници веќе ја имаме достапно технологијата.

Новата генерација од технологијата на Oppo ветува дека ги средува повеќето проблеми кои се карактеристични за неа, односно послаб квалитет на сликите и полош квалитет на екранот во делот каде е камерата.

Конкретно, Oppo истакнува неколку делови на напредок кај новата генерација од технологија. Едниот е кај геометријата на пикселите од екранот, односно нивното намалување, со што се задржува нивната густина во делот каде е камерата, како и во остатокот. Со тоа се овозможува доволно светлина да помине за камерата, но без да се изгуби квалитетот на екранот во тој дел и без да се забележува дека има нешто под него.

Нов дизајн и проѕирност на жиците кои поминуваат до пикселите, како и овозможување на енергија до секој пиксел, наместо една жица да напојува два пиксели, се вториот дел кој Oppo го истакнува како напредок кај новата генерација од оваа технологија.

Сето ова, покрај до подобрување на екранот и квалитетот на сликите, овозможува и подолг век на траење на екранот, нешто што било проблем со претходните генерации.

На сите овие хардверски подобрувања, треба да се додаде и развојот на посебен алгоритам, односно тренирање на вештачката интелигенција која компензира за недостатокот на светлина и детали од сликите.

Оваа технологија може да се смета дека веќе доаѓа до нивото на развој кога може да се очекува дека ќе почнеме да ја гледаме кај повеќе телефони на пазарот, а од идната година можеби ќе ја видиме и кај S серијата од Samsung.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаWindows 365 официјално започна со работа со почетна цена од 20 долари за еден корисник
Следна статијаЦрвениот Крст на Македонија со хуманитарна помош за населението кое е зафатено со пожарите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.