Камера под екранот е технологијата која всушност се чека за да се овозможи целосно тргање на рамките кај смартфоните. Исечоците на горната страна во разни големини, како и механизми за прикажување на камерата од самиот уред или неговата задна страна, се привремените алтернативи кои се користат до развојот на технологијата која еве сега Oppo ни ја прикажува.

Oppo и Xiaomi најавија дека работат на ваква технологија, а Xiaomi излезе и со објаснување како истата функционира. Oppo за време на MWC Shanghai ја претстави и нивната технологија и објасни како таа функционира.

Нешто слично како што тоа беше случајот со Xiaomi, во основа, тоа што се развива е слој од екранот којшто ќе може без проблеми и промена на квалитетот да продолжи да ја прикажува сликата, притоа да овозможи поголем процент на светлина која ќе може да помине до леќите на камерата.

Слојот од екранот исто така се користи и како замена за заштитниот дел од леќите, па камерата ќе може да ја добие потребната светлина за креирање на добра слика.

Тоа што не е познато е каков квалитет на сликите ќе можат да понудат ваквите камери. Тие сепак се поставени зад слој од екран, екран којшто ќе мора да прикажува и слика, но тоа останува за кога ќе биде официјално претставен ваков уред, па ќе може соодветно да биде тестиран.

Како што беше и случајот со објаснувањето и сликите од Xiaomi, камерата во одредени услови ќе биде видлива, меѓутоа тоа не би било проблем се додека кога е екранот вклучен и прикажува слика, таа не се гледа.

Од Oppo исто така истакнуваат дека осетливоста на допир на екранот во делот кај камерата ќе биде иста и како во деловите каде ја нема, односно поставеноста на камерата нема да влијае на тоа.

Не точно нагласено кога ќе може да очекуваме уред со ваква камера, меѓутоа од Oppo нагласуваат дека тоа би било наскоро, па ако се земе во предвид досегашната работа на компанијата, сигурни сме дека уредот ќе биде претставен оваа година.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаНавики на познати личности: Робин Шарма
Следна статијаШто се случува во ЕУ во 2019: tech осврт
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.