Фото: Microsoft

Microsoft, Facebook и телекомуникациската компанија Telxius го изведоа веројатно најкрупниот инфраструктурен проект во 21 век, барем кога се однесува до телекомуникациската технологија, поставувајќи подводен кабел од едниот до другиот брег на Атлантскиот океан. Должината на кабелот изнесува 4.100 милји што е еквивалент на близу 6.600 километри и се протега од Вирџинија Бич во Вирџинија, САД, до Билбао во Шпанија.

Капацитетот за пренос на информации е неверојатни 160 терабајти во секунда или практично применето, директен пренос на 71 милион видеа со HD квалитет. Уште попрецизно, се работи за брзина на пренос на информации 16 милиони пати поголема од просечната комерцијална интернет конекција. Кабелот ќе профункционира веќе наредната година, оптимисти се од Microsoft.

Marea како што е името на кабелот кој е поставен на длабочина од повеќе од 3.000 метри ќе ги поврзува двата континенти и ќе биде изолиран во случај на елементарни непогоди, со оглед на тоа што неговата локација е појужно од до сега инсталираните кабелски конекции.

Поставувањето на Marea доаѓа во клучен момент бидејќи постоечката инфраструктура веќе работи под полн капацитет. Кабелот е составен од 8 пара оптички кабли обложени со бакар и слободно лежи на дното на океанот во поголемиот дел од својата рута. На места околу брегот, кабелот е закопан со цел да биде заштитен од евентуално оштетување од бродовите кои циркулираат во близина.

Според наводите од Microsoft, целиот проект е комплетиран многу побрзо од очекуваното, за период помал од 2 години. Кабелот е базиран на тн. Отворен дизајн кој ќе може да се адаптира на новите технологии паралелно со нивниот развој, но исто така претставува и главна магистрала за корисниците од Африка, Блискиот Исток и Азија, каде се очекува да произлезат нови милијарда корисници.

Извори: The Verge, Microsoft

Претходна статијаiOS 11 намерно не ги исклучува Bluetooth и Wi-Fi конекциите
Следна статијаIntel ги претстави новите Coffee Lake процесори кои се 32% побрзи од претходната Kaby Lake генерација