mercedes-concept-iaa-11-1

Премиум производителот од Штутгарт, како и скоро сите други производители на автомобили, беше фатен со спуштен гард од страна на Tesla, која ги зема скоро сите профити од продажбата на електрични автомобили. Сепак, Mercedes-Benz би требал набрзо да лансира и свој целосно електричен автомобил, кој ќе конкурира во средно – високата класа, поточно ќе влезе во клинч со Tesla Model S.

Идејата е моделот да има слични перформанси на Model S, особено во делот на автономијата со едно полнење, која се очекува да изнесува околу 400-500 километри, што се чини е супер поволно за европските земји. Цената сепак би можела да биде повисока, но за возврат Mercedes-Benz со сигурност ќе понуди поквалитетен и полуксузен автомобил. Tesla е последна на скоро сите тестирања за доверливост и квалитет и тоа би можел да биде голем адут на германскиот бренд.

Адут сигурно ќе биде и веќе етаблираната база на корисници на нивните возила, кои многу тешко се одлучуваат на нова марка возило, па може да се очекува дека голем дел од нив, доколку се одлучат да купат електричен автомобил, тоа да биде Mercedes-Benz. Ако на ова се додаде густата дилерска мрежа која ја има во секоја земја во светот, Tesla со сигурност треба да биде загрижена.

Секако, не влегува само Mercedes-Benz со електричен модел на пазарот. Audi најави електричен SUV со име Q8, додека BMW се очекува да ја збогати гамата на возилата од “i” серијата со целосно електричен модел. Исто така, јапонските производители наголемо сакаат да го протнат и водородот како еколошко погонско гориво, што значи дека ќе биде уште потешко да се стигне до финалниот купувач.

Првите информации и фотографии од електричниот автомобил на Mercedes-Benz би можеле да ги видиме во септември, односно како концепт на саемот во Париз на почетокот од октомври. До крајот на оваа декада, Mercedes-Benz би требал да претстави уште три целосно електрични модели.

Извор: TechnoBuffalo, Autoblog, Engadget

Претходна статијаWindows 10 нема да стигне до една милијарда корисници навреме
Следна статијаВидео од iPhone 7 ни открива поголема камера назад и нов дизајн на линиите за антената