Откако најави дека повеќе време ќе поминува дома, Марк Закерберг си даде за задача таа околина да ја унапреди со помош на технологијата, поточно вештачката интелигенција.

Тој преку неговиот Facebook профил најави дека сака да развие систем кој што ќе се базира на вештачка интелигенција и којшто ќе може да му помогне во контролата на одредени активности низ домот.

Интересно тој овој систем го спореди со Jarvis од Iron Man кој е напреден личен асистент способен да ги контролира сите домашни уреди, а и да разговара со Тони Старк.

Она што Марк го замислува за неговиот иден асистент подразбира можност за гласовно контролирање на температурата, светлата, музика и слично. Исто така, асистентот би требало да ги препознава лицата на луѓето кои што доаѓаат во куќата, па автоматски да ги пушта внатре, како и да го информира за ситуацијата во собата на неговото бебе.

Овој план на Марк е дел од неговите новогодишни резолуции кои што си ги дава секоја година, а минатите години тие вклучуваа задача да чита по 2 книги месечно, да научи мандарински јазик и да запознава по еден нов човек секој ден.

Задачите од претходните години се повеќе лични, односно не е нешто што посебно би не интересирало, за разлика од таа за оваа година.

Идејата за поврзан дом кој што ќе биде контролиран гласовно од корисникот не е нова, а слободно може да кажеме дека ќе биде нормална работа во повеќето домови во иднина.

Системот кој што ќе го развие Марк не планира да биде достапен за било кој заинтересиран корисник, но затоа ако го изведе успешно, ќе претставува добра основа и концепт за другите развивачи.

Се разбира, може да се очекува дека овој систем ќе биде помогнат од технологијата која што веќе се развива од страна на Facebook, како и од самиот систем на социјалната мрежа кој што има огромни информации за корисниците и нивните навики.

Извор: Facebook, TNW

Претходна статијаПатент од Samsung додава можност за проектор и холограм на телефонот на преклопување
Следна статијаОваа недела во знак на CES 2016 – Што може да се очекува?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.