505039-honda-self-driving-car

Автономните возила се веднаш зад аголот. Google, Tesla, други традиционални производители на возила веќе ги тестираат своите автопилоти во измислени и вистински услови. Сепак, изгледа дека се заглавија со едно многу битно прашање.

Тоа прашање е:

Во случај на потенцијална несреќа, вашето автономно возило треба да ве жртвува вас или другите?

На прв поглед може да изгледа дека е едноставно прашање, но по кратко размислување можам да се обложам дека нема да можете да донесете краен одговор. Дилемата доаѓа од класичниот тролеј проблем околу кој философите расправаат веќе подолго време.

Ако прашањето се преформулира за да не биде лично насочено кон читателот, па место „вашето“ и „вас“ се заменат со „возачот“, многу од луѓето ќе одговорат дека во случај кога има потенцијал да загине само еден човек кој не е возачот, тогаш возилото не треба да го жртвува возачот, но – во случаи кога можат да загинат повеќе лица, тогаш треба да се жртвува возачот. Сепак, повеќето од нив изјавуваат дека нема да купат и да се возат во такво возило кое би ги жртвувало нив.

Етичкиот проблем е повеќеслоен и супертежок

Иако на прв поглед изгледа како лицемерие на страна на возачите погоре, етичките дилеми навлегуваат многу подлабоко од тоа. Имено, замислете си ја следнава ситуација. Автономно возило патува, а „возачот“ (во овој случај повеќе: „патникот“) чита книга, среќен и задоволен што си приуштил такво супервозило за себеси.

Возилото патува во тунел со единствена лента. На тротоарот до ѕидот оди пешак. Одеднаш, пешакот истрчува пред возилото и постојат само две можности: да го удри и усмрти или да се удри во ѕидот и да го усмрти патникот. Што треба да направи возилото? Сега прочитајте ги долните промени и детали во сценариото и обидете се да одговорите повторно на крајот.

  • во возилото (можеби) се вози генијалец со лек за повеќето видови рак;
  • во возилото (можеби) се вози следниот Хитлер;
  • пешакот (можеби) е генијалец кој поради тоа што само што го смислил лекот за повеќето видови рак воскликнал од среќа и затоа истрчал на патот;
  • пешакот (можеби) е следниот Хитлер;
  • патникот (можеби) е следниот Трамп/Клинтон;
  • пешакот (можеби) е следниот Трамп/Клинтон;
  • пешакот е тинејџер со цел живот пред него, а патникот е старец;
  • пешакот е старец, а патникот е тинејџер со цел живот пред него;

Има ли потреба да ве прашувам дали го најдовте вистинското решение?

Контрола во рацете на купувачот

Според мене единственото издржано решение кое ќе овозможи ваквите возила да се купуваат, а сепак да нудат можност да се помогне во намалувањето на сообраќајните несреќи и усмртувањето на недолжни луѓе е оставањето на можност купувачот да одбере што возилото да прави во таков случај.

Имено, се претпоставува дека дури 93% од смртните случаи во светот (кои сега изнесуваат 3.400 луѓе дневно, а така би изнесувале само 260 дневно) ќе се избегнат со воведување на автономните возила кои ќе бидат во просек далеку подобри возачи од луѓето. Тоа е силен аргумент за воведувањето на овие возила, а самото воведување нема да успее ако купувачите знаат дека во случај на незгода ќе бидат жртвувани за таму некој.

Токму затоа сметам дека возилата треба да му понудат избор на купувачот: ако настане незгода, како сакаш да се обиде да реагира возилото – да те жртвува тебе, да го жртвува другиот или некаде на средина (да се обиде да ги намали штетите за сите учесници во исто време)? Купувачот нека одбере сам (а ако не одбере нека остане на последната варијанта) и така ќе се осеќа дека има контрола врз својата судбина тој, а не некои програмери или државни регулативи.

Исто така, сметам дека државната регулатива не смее да се меша во тоа како треба да изреагира автономно возило во таков случај, туку единствено само да наложи да се вгради систем за одлучување во таквите ситуации. Секое мешање во овие работи ќе ја предизвика типичната дисторзија во ефектите на пазарот и човековите права која редовно настанува кога државата и законодавните домови навлегуваат во претерана регуларија и не ги оставаат луѓето самите да ги воспостават правилата.

Дополнителни информации: PCMag, PCMag 2, Self Driving Report

Претходна статијаWhatsApp со 100 милиони повици на ден
Следна статијаMicrosoft ќе исплати 10.000 долари казна за неуспешна и наводно недозволена надградба на Windows 10