Facebook-GPU-server-Big-Sur-isometric-view-without-cover-1-930x698

Последниве неколку години, се повеќе и повеќе го слушаме поимот вештачка интелигенција. Напредокот во тоа поле е вистински, а еден од најголемите играчи, Facebook, штотуку го лансираше својот прв компјутер, кој има можност за таканареченото „длабоко учење“.

„Длабоко учење“ е всушност тренирање на компјутерот за да може подобро да ја распознава околината. На пример, ваквите компјутери можат да се користат за распознавање на фотографии, говор и дури и за превод во реално време, преку невронска мрежа, која е всушност компјутерски процес што го имитира работењето на човечкиот мозок. Овој процес му овозможува на компјутерот буквално да учи за околината и потоа да може полесно да ја распознае.

Серверите на Facebook се викаат Big Sur и како и сите вакви компјутери, се составени од графички картички, чии процесори важат како подобри за правење на вештачка интелигенција, поради поголемиот број на чипови на самата графичка. Компјутерот е составен од 8 графички картички и тоа моќните Nvidia Tesla M40, кои се специјално наменети за вакви апликации, но дизајнот овозможува и вградување на друг тип на графички чипови, зависно од потребите на корисникот.

Big-Sur-top-view-without-cover-GPU-removal-1024x587

Со цел за што поголем напредок во оваа технологија, Facebook го направи својот дизајн на компјутер кој ќе има можност за „длабоко учење“ отворен за јавноста, односно секој што сака да направи свој компјутер ќе може да го копира овој дизајн. И тука на дизајн секако не мислиме на изгледот, туку на составот и спојувањето на компонентите.

Отворањето на дизајнот на компјутерот кон јавноста, овозможува и брзо подобрување на неговите перформанси и донесување на многу новитети – на него ќе работат многу различни тимови. А од Facebook велат дека доколку има некој дизајн подобар од нивниот, подготвени се и да го купат.

Извор: Venture Beat, Wired, Information Week

Претходна статијаКако да ја вклучите темната тема на Windows 10 ?
Следна статијаStar Trek Beyond ќе биде исполнет со акција, според трејлерот