Некои имаат нерационален страв од игли и од малата болка која ја предизвикуваат кога навлегуваат во кожата. Децата најчесто предизвикуваат толкава галама кога треба да примат инјекција како да ги „заклал“ некој.
За да се намалат овие моменти на стрес една група студенти од Рајс Универзитетот, користејќи 3Д печатач, создадоа еден вид на капсула со која може да се предизвика анестетско дејство на некој дел од кожата. Капсулата има две комори, едната полна со вода, а другата со амониум нитрат. Во случај на превртување на капсулата двете супстанци се мешаат и предизвикуваат хемиска реакција, која постигнува многу ниска температура за многу кратко време.
Вака изладената капсула може да се стави на било кој дел од кожата за една минута и ќе ја намали нејзината температура, делувајќи како анестетик. Интересното е што вакви капсули можат да се интегрираат во пакувањата со стерилни игли за медицинските лица да ги имаат на дофат секогаш кога ќе имаат контакт со пациент кој доживува поголем стрес поради работа со игли.
Засега самите капсули се големи (како што можете да видите на видеото погоре), но секако дека ќе се работи на намалување на нивната големина за подобра преносливост и намалување на цената. Тоа, споено со технологијата на производство (3Д печатење) ќе овозможи поголема релаксација кај „проблематични“ пациенти и помалку стрес за нив.