Марк Гурман веќе неколку пати пишува за новото внимание кое го има Apple на пазарот на паметни домови, а конкретно за екранот во форма на iPad поставен на роботизирана рака.
Во најновиот неделен билтен Гурман повеќе навлегува во оваа област, а изгледа сега има и повеќе информации. Според него, Apple со години се успешни со уредите наменети за нашите џебови, зглобови и работните маси, но тие не се покажаа добро со автомобилите, лицето и домовите.
Конкретно Гурман смета дека Apple повторно го враќа вниманието кон паметниот дом со нова стратегија која вклучува поставување на екрани и софтвер низ домот. Заедно со овие екрани повторно се споменува тој кој би бил поставен на маса со роботизирана рака, а сите овие екрани треба да функционираат поврзано, како и сите производи од Apple.
Гурман смета дека во наредните две години овој вид на хардвер ќе биде приоритет на Apple, а тие сега имаат и простор повторно да влезат на пазарот по падот на иновативноста кај конкурентите како Google и Amazon.
Apple се обиде да влезе на овој пазар со нивниот HomePod звучник, а некаков успех имаше мини верзијата.
Новите екрани би функционирале на нов софтвер кој би бил направен на основа на tvOS, односно на софтверот од Apple TV уредот кој иако има доста корисници, сепак не е популарен како останатите производи од компанијата.
Новиот систем изгледа ќе биде наречен homeOS, а ќе го користат паметните екрани и екранот со роботизирана рака.
Една новина сега е достапна која ќе придонесе за доста поголема корисност на овие екрани, а тоа е Apple Intelligence. До претставувањето на одредени производи вештачката интелигенција од компанијата сигурно ќе биде доста поразвиена од сега, а на екраните ќе им овозможи доста поголеми можности.
Кога ќе се размисли подобро, развојот на вештачката интелигенција од една страна донесува доста поспособни дигитални асистенти, а такво нешто сигурно би било добредојдено во домовите за контрола на уредите, но и за многу повеќе.