apple-campus-2

Еднаш на времето една компанија од САД беше оформена во гаража од двајца ентузијасти. На почетокот компанијата имаше тешкотија да ја продаде својата верзија на личен компјутер и едвај се договорија да започнат со пошироко производство.

Сепак, истото им успеа, а нивната насоченост кон иновативност и остварување на соништата на купувачите (кои ги имаа без да знаат, на пр., за графичко опкружување) им овозможи да се претворат во една од најголемите светски корпорации.

Apple ќе произведува електрична енергија

Apple-Developing-Solar-Panels-for-Mobile-Devices-650x366

Да, зборуваме за Apple. Епа истиот тој Apple сега се зафаќа со производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори, со оформување на нивна ќерка-компанија наречена (замислете) „Apple Energy“ (ДОО) во Делавер, но управувана од Купертино, Калифорнија.

Идејата е едноставна – Apple под своја контрола има огромни потрошувачи на електрична енергија. Нивните продавници работат попладне, а канцелариите по цели денови. Нивниот нов центар, односно кампус кој изгледа како вселенски брод, сигурно троши огромно количество енергија. Сето тоа чини пари, а зошто да чини пари кога може да биде многу поевтино?!

Така размислуваат од Apple и затоа планираат да оформат неколку мини-компании кои ќе произведуваат електрична енергија. Во текот на денот ќе произведуваат и ќе ја продаваат енергијата, а навечер ќе користат енергија од мрежата. Притоа, пребивањето на овие две вредности ќе доведе до значително пониска цена на енергијата која ја користат.

Веројатно Apple сака да направи мрежа преку која ќе може сам на себе да си продава енергија. Тие засега побарале овие ќерки-компании да бидат сметани како Независен произведувач на енергија (Independent Power Producer, IPP), а не како голем играч на пазарот бидејќи немаат таква моќ ниту капацитети да влијаат на пазарните цени. Со оглед на потенцијалот за Apple да почне да произведува електрични автомобили, ова би било дополнителен одличен потег во таа насока.

„Обновлива, еколошка“ енергија?

Иако постои занос во светот за т.н. обновлива енергија која ветува да биде „бесплатна“ и еколошка, тоа всушност не е случајот. Имено, за да се направат сончевите панели потребни се разни ретки елементи кои се ископуваат од земјата и со тоа се трошат, понатаму постои обработка со разни хемикалии кои често се отровни, а исто така често се користат производи од петрохемиската индустрија, која целиме да ја замениме со ваквата енергија нели.

Производството на енергија е релативно чисто, но производството на средствата и уредите е доста „нечиста“ пракса која станува поеколошка со текот на времето. Дали замената во односот меѓу чисто и нечисто производство на крајот ќе испадне подобро останува да видиме, но штом играчи како Apple влегуваат на пазарот тоа ветува многу.

Барем знаеме дека кога Apple се зафаќаат да работат нешто, обично тоа излегува направено како што треба.

Дополнителни информации: 9to5Mac, Electrek, Investing ChannelWashington Examiner

Претходна статијаИнтел го забрзува патот кон подлабока аналитика со најновите Интел технологии
Следна статијаYouTube денеска не беше достапен скоро во целиот свет – редок случај што ги изненади корисниците