Кинескиот прозводител Xiaomi, кој е втор од таа земја по продадени уреди годинава, претстави два нови смартфони од Redmi серијата, кои се наменети за помладите купувачи кои сакаат уред со висок стил и привлечен дизајн, солидни спецификации и многу ниска цена, како и сите други смартфони на брендот.

Redmi 5 и Redmi 5 Plus се одлично подготвени за пазари како нашиот и можат да се пофалат со модерен дизајн со издолжен, 18:9 дисплеј со заоблени агли и прилично мала рамка околу екранот. Благодарение на ова, како и на изработката од алуминиум, тие изгледаат многу поскапо отколку што навестува нивната цена од 120 долари за Redmi 5, односно околу 150 долари за Redmi 5 Plus во Кина.

Во поглед на спецификациите, Redmi 5 и Redmi 5 Plus сепак не се на нивото на уредите од високата класа, но се перфектно добри со оглед на цената. Дисплејот кај обичниот Redmi 5 има големина од 5,7 инчи и HD+ резолуција, додека оној кај Redmi 5 Plus има големина од 5,99 инчи и многу подобра Full HD+ резолуција. Помалиот модел е опремен со Snapdragon 430 процесор и 2 или 3 GB рам, односно 16 или 32 GB простор зависно од моделот, додека Redmi 5 Plus има Snapdragon 625 процесор со 3 или 4 GB рам, односно 32 или 64 GB простор.

Поголемиот Redmi 5 Plus има и поголема батерија – 4.000 наспроти 3.300 mAh, но и двата телефони имаат иста задна камера од 12 мегапиксели со f/2.2 леќа, како и предна камера со 5 мегапиксели. Redmi 5 и Redmi 5 Plus доаѓаат со Android 7.1.2 Nougat со MIUI скин на Xiaomi.

Извор: The Verge, XDA, Android Central

Претходна статијаКаратистите на Макпетрол имаа успешен настап на Балканското карате првенство
Следна статијаHuawei Nova 2s има спецификации од високата, цена од средната класа