Оваа година, најголем хит во мобилната индустрија се смартфони со многу мала рамка околу дисплејот, тренд кој го почна кинескиот Xiaomi со „концепт телефонот“ Mi Mix. Сега тие имаат наследник на овој смартфон, кој повторно изгледа супер импресивно, благодарение на скоро непостоечката рамка отстрана и во горниот дел, но и кој треба да е многу подобар во други важни сегменти и сето тоа по многу ниска цена.

Mi Mix 2 го следи дизајнот на претходникот, но овој пат дисплејот има сооднос од 18:9, исто како кај LG G6 и V30 на пример, што значи дека дисплејот ќе биде потесен и поиздолжен, за разлика од 17:9 дисплејот на првиот Mi Mix. Исто така, големината сега изнесува 5,99 инчи, во однос на 6,44, што го прави многу полесен за држење во рака и управување, а има и солидна резолуција од 2160х1080 пиксели. Исто така, кај овој модел е помал и долниот дел, каде повторно е вградена камерата, сега покриена со поларизирано стакло што прилично добро ја покрива.

Разликите во однос на претходникот продолжуваат и кај звучникот за разговори, кој сега е класичен звучник во горниот дел, за разлика од пиезо-електричниот на претходникот, кој буквално го вибрираше стаклото на дисплејот за да извади звук. Да, ова звучи супер егзотично, но во пракса се покажа како недоволно добро решение, бидејќи повиците не звучеа најдобро.

Mi Mix 2 ќе биде достапен во две изведби. Првата ќе има странична рамка од метал и заден дел од керамика, додека Special Edition ќе биде целосно изработена од керамика, што е извонредно постигнување, бидејќи керамиката е многу тешка за прецизна обработка. Ќе има разлики и во тоа како ќе бидат опремени овие телефони – ќе бидат достапни изведби со 6 или 8 GB рам меморија и 64, 128 или 256 GB простор. Процесорот нормално ќе биде Snapdragon 835, исто како и скоро сите смартфони од високата класа во моментов.

Батеријата ќе биде намалена во однос на претходникот, што беше очекувано со оглед на тоа што и целиот смартфон е намален и сега таа брои 3.400 mAh. Задната камера пак е повторно иста – има 12 мегапиксели и леќа со бленда f/2.0 и оптичка стабилизација, а Xiaomi нагласува дека сензорот е супер квалитетниот IMX386 на Sony. Предната камера пак има 5 мегапиксели, што е веројатно единствениот недостаток во однос на конкурентите од високата класа.

Сепак, сите недостатоци можат лесно да се прогледаат кога ќе се погледне цената – почетниот модел до 6 GB рам и 64 GB простор во Кина изнесува само 420 евра, цена која се покачува на 460 евра за моделот со 6/128 GB и 510 евра за моделот со 6/256 GB. Керамичкиот модел ќе чини многу повеќе – околу 700 евра и ќе биде опремен со 8 GB рам и 128 GB простор. За смартфон со вака импресивен изглед и перформанси, јас би рекол дека ова се многу коректни цени, особено кога на вага ќе се стави на пример новиот iPhone X кој ќе биде претставен денес и кој ќе чини околу 1.000 евра.

Извор: The Next Web, Android Central, GSMArena

Претходна статијаRED откри како работи холограмскиот дисплеј за нивниот Hydrogen смартфон
Следна статијаXiaomi Mi Notebook Pro е моќен Windows 10 лаптоп со многу пониска цена од таа на конкурентите