Гласините кои се нормален дел од периодот пред претставувањето на некој уред, веќе неколку пати тврдат дека Apple планира да го тргне приклучокот за слушалки од новиот iPhone кој треба да биде преставен идниот месец.
Корисниците за слушање на музика преку слушалки ќе треба да го користат Lightning приклучокот на којшто се полни телефонот и кој ќе биде единствениот приклучок на уредот. За тоа ќе треба да се користи посебен адаптер, што сигурно дополнително ќе придонесе до негативните реакции. Покрај оваа можност, корисниците секогаш може да користат и Bluetooth слушалки за слушање на музика.
Интересно, познатиот ко-основач на Apple Стив Вознијак, излезе со критики до неговата компанија доколку гласините се покажат како точни. Тој истакнува дека од Apple би направиле грешка доколку навистина го тргнат приклучокот за слушалки од новите модели.
Според него, квалитетот на музиката не е ист кога се слуша преку специјално направениот за тоа 3,5 мм приклучок, во споредба со користење на адаптери или слушање преку Bluetooth.
Со оглед на близината на денот кога новите модели од iPhone ќе бидат претставени, тешко дека вакви коментари ќе направат некаква разлика. Одлуката, а со тоа и нарачките на телефоните, веќе е направена, па останува само да видиме за некоја недела дали гласините биле точни.