Телефоните со дисплеј кој може да се превитка или пак кои целосно може да се превиткаат, ќе имаат многу брз раст на пазарот и во 2019 година веќе ќе бидат присутни со 20% учество, барем ако може да и се верува на компанијата Kolon Industries, која е производител на компоненти за свитливите дисплеи.

Ова е прилично голема бројка, многу поголема од времето кога беа лансирани првите паметни телефони. Брзиот раст на ваквите смартфони е очекуван – тие ќе понудат многу повеќе можности од оние на актуелните модели. На пример, ваквите телефони би можеле да имаат многу поголеми дисплеи за полесно консумирање на сите содржини, а од друга страна да бидат лесно преносливи, односно да можат дури и да се стават во џеб.

Сепак, првите модели нема да можат целосно да се превиткаат. Имено, компанијата Kolon Industries, која произведува безбоен полиамид, многу значаен за свитливите дисплеи, најави дека радиусот на виткање на овие смартфони ќе биде 5 mm. Ова значи дека на делот каде ќе се витка дисплејот, мора да има поширок дел преку кој тој ќе може да се превитка, инаку би настанало оштетување на самиот дисплеј. Претходно беше најавено дека ваквите смартфони ќе имаат радиус на виткање од 1 mm, но со актуелната технологија тоа е невозможно.

Kolon Industries најави и дека три до пет производители ќе лансираат такви смартфони до 2018 година, а според други информации ние знаеме дека тоа би можело да се случи дури и наредната. Поточно, Samsung и LG веќе подолго време работат на телефон кој може да се превитка и очекувано е тие да бидат први на пазарот со вакви модели, освен ако некој кинески производител не ги престигне, што се случува се почесто последниве две до три години.

Извор: Android Authority, Phone Arena, Phandroid

Претходна статијаNokia го тужи Apple за нелегално користење на 32 патенти
Следна статијаLG Stylus 3 е достапен смартфон со 5,7 инчен дисплеј и Android 7.0 Nougat