Фановите на мобилната верзија на Windows веќе подолго време бараат од Microsoft нови модели – последните Lumia 950 и 950 XL беа претставени пред година и пол. Не само тоа – тие сакаат уред од Surface дивизијата, која ја карактеризираат иновации, квалитет и перформанси. Надежта велеше дека оваа година конечно ќе се случи тоа, но нови информации велат дека ќе треба да почекаме дури до 2019 година.

Оваа вест многу фанови ќе ја гледаат како лоша, што е и разбирливо. Сепак, според истите информации, Microsoft ќе претстави Windows телефон годинава, кој можеби нема да го носи логото на Surface, но кој ќе биде јасна порака на производителот дека не планира да ја напушти платформата. Дали е ова доволно добра вест за фановите на Windows? Ќе мора да биде, барем до крајот на 2018 или почетокот на 2019 година.

Според човекот кој ја протече информацијата на “Reddit”, а кој вели дека е во договор со Microsoft, за Surface Phone уредот сѐ уште нема информации, што и беше очекувано – Microsoft отсекогаш бил тивок во тек на развојот на нови уреди. Сепак, очекувано е дека Surface Phone ќе биде повеќе таблет отколку телефон, кој ќе има можност и да се користи како лаптоп или десктоп компјутер. Или пак тоа се само дел од соништата на Windows фановите.

Како и да е, годинава дефинитивно ќе видиме нов смартфон од Microsoft. И за него нема многу информации, но очекувам драматично подобрена верзија на Continuum можноста, која овозможува користење на телефонот како десктоп компјутер (со поврзување со поголем дисплеј), а стегам палци и за Win32 програми, иако таа можност веројатно ќе биде достапна дури со Surface Phone.

Јас би рекол овие информации да ги земеме со мала задршка, иако изворот бил прилично доверлив во минатото.

Извор: Inquisitr, Reddit, Win Buzzer

Претходна статијаКако виолетовата боја заврши на логото на Yahoo?
Следна статијаLevi’s и Google лансираат паметна јакна