Веќе многупати пишувавме за смартфони кои може да се свиткаат на половина, заедно со дисплејот, но нив најчесто ги спомнувавме во корелација со Samsung и LG. Сега, во играта влегува и Microsoft, кој ваква технологија би можел да вгради во долго очекуваниот Surface Phone.
Компанијата од Редмонд веќе подолго време најавува дека нивните Surface производи нема да бидат стандардни – тие целосно го редефинираа секторот на лаптопи со „2 во 1” уреди, а направија и мала револуција кај десктоп компјутерите со Surface Studio.
Сега, нов патент најавува дека тие ќе направат револуција и во смартфон секторот, на кој може да се види таблет кој може да се преклопи и да се користи како смартфон. Ова би му дошло нешто како „3 во 1” уред, бидејќи со отворањето на уредот и со додавање на тастатура, тој може да се претвори и во мал таблет. На овој начин, уредот ќе поддржува многу различни сценарија на користење и најавува дека ќе биде единствениот уред кој корисникот ќе го носи со себе.
Уредот на Microsoft е прилично импресивен не само поради тоа што има дисплеј кој може да се превитка – тоа ќе го можат и смартфони на Samsung и LG. Напротив, тука главната предност ќе биде токму оперативниот систем Windows 10.
Имено, Microsoft неодамна најави дека целосната десктоп верзија на Windows 10 ќе работи и на ARM чипови, што значи дека ваквиот смартфон би имал десктоп оперативен систем. Благодарение на тоа што Windows 10 може лесно да се користи и во таблет и во десктоп мод (а верувам со надградба и во смартфон мод, исто како Windows 10 Mobile), овој уред би работел скоро идеално во сите модови.
Ова значи дека корисникот на располагање ќе има смартфон со Windows 10, кој може лесно да се претвори во таблет и потоа лесно да се претвори во лаптоп. И да повторам, со целосен Windows 10 и можност за инсталирање на сите професионални програми. Ова е нешто што Android конкурентите нема да го можат, односно нивната предност ќе биде во мобилните апликации, додека на Surface Phone предноста ќе биде во стандардните Windows програми.
Овој патент сепак не значи дека Microsoft уште годинава ќе лансира ваков смартфон – тој може да биде неколку години далеку. Сепак, знаејќи ја моќта на Surface тимот за иновации и тоа што овој патент е поднесен уште во 2014 година, лично очекувам нешто слично уште годинава, односно смартфон кој може да замени барем два уреди.
Извор: The Next Web, The Verge, PC World