Surface дивизијата на Microsoft е една од најиновативните во светот на хардверот, но за нивните иновации обично дознаваме кога ќе бидат претставени уредите – едноставно, тие навистина добро знаат да чуваат тајни. Сепак, информации за тоа кога би можел да биде претставен некој уред протекуваат, а според најновите, долго очекуваниот Surface Phone би можеле да го видиме на крајот од оваа година и тој ќе може да се купи веќе во 2018.

Истите извори наведуваат дека телефонот ќе има 5,5 инчен дисплеј со Quad HD резолуција и Snapdragon 835 процесор, но лично воопшто не верувам во тоа. Surface Phone нема да биде смартфон какви што беа телефоните од Lumia линијата и во тоа сум скоро сигурен. Исто така, најавите се дека овој уред ќе доаѓа со Windows 10 Mobile оперативен систем со Redstone 3 надградба, но ако ме прашувате мене, тој ќе има целосен Windows 10 оперативен систем, со можност за користење на x86 win32 програми.

Накратко, Surface Phone ќе биде уред кој ќе биде пред се насочен кон професионалците, но и сите оние кои сакаат да можат да направат повеќе со својот смартфон. Затоа, моето очекување е поголем дисплеј и нормално можност за поврзување со надворешен екран, па дури и свитлив смартфон, кој може да се претвори во таблет. Секако, на крај може да испадне и некое сосем друго решение, но тоа дефинитивно ќе биде уред кој ќе може да направи повеќе работи одеднаш.

Пред да биде претставен новиот Surface Phone, веројатно порано годинава Microsoft ќе го претстави и наследникот на Surface Pro 4, нешто што го најави и Сатја Надела. Surface Pro 5 би требало да има нова линија на процесори, подобар дисплеј и подолго траење на батеријата. И ќе повторам, како и секогаш, Microsoft Surface тимот би можел и да изненади со некое друго парче хардвер дури и на претставувањето на Surface Pro 5.

Извор: Auto World News, Tech Times, Windows Central

Претходна статијаПродажбата на таблети продолжува да опаѓа, iPad и натаму најпродаван
Следна статијаДали дојде време да се збогуваме со омилените iPhone игри и апликации?