surface-phone-1-100577980-large

Долгоочекуваниот телефон од Surface дивизијата на Microsoft најверојатно ќе пристигне на почетокот на есента во 2017 година, заедно со Redstone 3 надградбата, која најверојатно ќе донесе големи подобрувања токму во Windows 10 Mobile.

Информацијата е од полскиот веб сајт msmobile.pl и според тоа треба да се земе со задршка, но и покрај тоа, лично сум сигурен дека Microsoft спрема нешто за тој период од годината. Имено, Тери Маерсон во неколку нови интервјуа најави дека Microsoft нема намера да излезе од секторот на уреди со ARM процесори и мобилни мрежи, односно нема намера да го згасне Windows 10 Mobile.

Сепак, тој најави дека уредот кој тие ќе го лансираат нема да биде класичен паметен телефон со голем дисплеј на допир, какви што се скоро сите смартфони денес. Всушност, главната одлика на Surface тимот е да ни понуди уреди кои не ги бараме, но откако ќе ги видиме ги посакуваме.

Најдобар пример за тоа е Surface Pro серијата, односно таблетот кој може да го замени вашиот лаптоп компјутер. Пред да биде лансиран овој уред, сите бевме задоволни од нашите лаптопи и таблети и никој не помислуваше дека му треба таблет кој може да го замени лаптопот и обратно. Сега, Surface Pro 4 е исклучително успешен уред, а истото важи и за Surface Book.

Според сето тоа, Surface Phone ќе биде некаков тип на уред кој ќе треба да замени два уреди или пак да понуди нов начин на интеракција и користење на уредот. Да, тој сигурно ќе има ARM процесор, ќе може да се користи за повици и ќе има 4G поврзување, но нема да биде класичен паметен телефон.

А каков уред ќе биде ќе дознаеме веројатно дури наредната есен, бидејќи Surface тимот е познат по тоа што многу добро ги чува тајните на своите производи пред да бидат лансирани – за Surface Book немаше ниту најава, а за Surface Studio знаевме само дека ќе биде „се во едно“ компјутер.

Извор: Softpedia, Itechpost, PC World

Претходна статијаSamsung C-Lab лансира неколку нови интересни производи
Следна статијаЏон Ајви: MacBook нема да има дисплеј на допир, но ќе има уште иновации покрај Touch Bar