surface-sales-970x0

Apple iPad таблетите имаа толкава доминација на пазарот минативе години, што поимот “iPad” почна да се поистоветува со поимот таблет – многумина знаеја да кажат дека си купиле “iPad”, ама со Android за некој друг таблет… Отсега, овој израз веројатно ќе го замениме со Surface!

Да, според бројките за онлајн продажба на таблети во месец октомври годинава, Microsoft Surface серијата (Surface 3, Surface Pro 3 и 4 и Surface Book), ја надминаа iPad серијата таблети на Apple (iPad Mini и iPad Air).

1010 Data јавува дека Surface таблетите имаат учество од одлични 45% во онлајн продажбата на таблети, во однос на 17% за iPad таблетите. Претходните месеци, пак, може да се види дека iPad е убедливо пред главните конкуренти – Surface серијата и Amazon таблетите.

tablet-sales

Иако со лансирањето на новите Surface продукти во октомври беше и очекувано да биде покачена нивната продажба, ваков скок секако не беше ниту во имагинацијата на Microsoft. Ова особено добива на тежина ако се знае дека просечната цена на продадените Surface таблети е 844 долари, додека за iPad таблетите е 392 долари, што значи дека Microsoft веројатно има и поголем профит од една продадена единица. Оваа стратегија ја користеше Apple од почетокот на овој милениум, па сега е особено интересно како Microsoft ја користи (копира) за поголем успех на пазарот.

Овој тренд секако не може да се очекува да остане – Apple месец подоцна го пушти во продажба iPad Pro таблетот, кој сигурно ќе ги врати на првото место.

Сепак, факт е дека Surface серијата, а особено Windows 10 таблетите, доживуваат голема експанзија на пазарот годинава и според многу анализи, се очекува за неколку години да бидат рамо до рамо со Apple iPad во вкупната продажба. Тука секако помага и тоа што таблетите со Windows 10 со дополнителна тастатура, можат да се користат како целосни компјутери, со сите стандардни Windows програми.

Извор: Ubergizmo, Forbes, Digital Trends, WinBeta

Претходна статијаМорнарицата на САД го пушти во тест својот најнов футуристичен брод – USS Zumwalt
Следна статијаСе одржа конференцијата „Next generation wireless“