2015-10-23-image-15_story

Користењето на повеќе графички во ист компјутер не е ништо ново – AMD CrossFire и Nvidia SLI го овозможуваат тоа веќе подолго време, но со еден голем недостаток – графичките карти мора да се од ист производител, односно AMD со Nvidia не може да работат заедно, а исто така, во случајот на Nvidia, графичките мора да се ист модел.

Stardock, софтверската компанија која стоеше зад „Windows 7 старт копчето“ во Windows 8, развива нов софтвер кој ќе овозможи поврзување на графички од двата производители.

Софтверот ќе функционира заедно со DirectX 12, што значи на компјутери со Windows 10, а ќе биде наскоро претставен на Game Developers Conference на Microsoft, односно конференцијата за дивелопери на игри во Сан Франциско.

Ова решение ќе им овозможи на корисниците да инсталираат какви било графички картички во својот компјутер и да ги користат заедно со цел да добијат подобри перформанси во игрите или пак некој графички софтвер.

Зошто е ова важно? Секоја понова игра бара се помоќни и помоќни графички процесори, кои па од друга страна се многу скапи. На пример, ако сакате да играте Fallout 4 на нормална графика, треба да издвоите минимум 250 евра за нова графичка, која веројатно ќе трае 2-3 години, а некои игри бараат и многу повеќе, а особено ако сакате да ги играте во Ultra HD резолуција, која полека, но сигурно станува златниот стандард – во тој случај нема да ви се доволни ниту 800 евра.

Со решението на Stardock, можете за многу помалку пари да ја надградите вашата постара графичка, односно во овој случај работа ќе заврши и некој послаб и поевтин модел, кој со доаѓањето на новите модели најчесто е на распродажба и може да се купи за многу малку пари.

Перформансите, заедно со графичката која ја имате во компјутерот, ќе бидат скоро исти како кај скапата нова графичка, со таа разлика што тука може да ставите и трета и четврта графичка, исто така за многу малку пари – на пример да ја купите половно, бидејќи софтверот функционира и со различни генерации на графички картички.

Колку сето ова ќе функционира во пракса останува да видиме, но вака, на хартија (пардон, на дисплеј), делува навистина ветувачки за нас гејмерите и секако добива подигнат палец.

Извор: Venture Beat, SlashGear, Neowin

Претходна статијаПрви слики од Edge екстензија – поддршката се очекува наскоро
Следна статијаLG Stylus 2 е првиот смартфон со DAB+ дигитално радио