За прв пат од нивното лансирање, Google годинава ќе претстави два нови Nexus телефони, со кои ќе се обиде да ја пополни дупката што ја отвори актуелниот Nexus 6, кој е преголем, но исто така и многу поскап од тоа што беа навикнати корисниците претходно.
Затоа, Google сега повторно ќе лансира помал модел, кој ќе го произведува LG, а кој ќе има 5,2 инчен P-OLED екран со Full HD резолуција од 1920х1080 пиксели. Чипот ќе биде новиот Snapdragon 620 (не најсилниот 820), помогнат од 4 GB рам меморија и со 64 GB простор за складирање податоци.
Назад, новиот LG Nexus ќе има камера со 13 мегапиксели и оптичка стабилизација на сликата, додека напред ќе биде вградена камера со 4 мегапиксели и скенер за ирисот (шареницата) на очите, исто како и новите Lumia 950 и 950 XL. Батеријата ќе има капацитет од 3180 mAh, со можност за QuickCharge 2.0 брзо полнење и со USB Type-C приклучок.
Според сите овие спецификации, евидентно е дека Google планира еден вид „враќање“ на ултра популарниот Nexus 5. Имено, во ниту еден дел телефонот не е на нивото на најдобрите на пазарот во моментов, што значи дека ќе има и пониска цена, по слободна проценка од 300 до 400 долари. Сепак, чистата Android M верзија значи дека и покрај малку послабиот процесор, работењето во оперативниот систем со сигурност ќе биде мазно и флуидно.
За оние кои пак го сакаат најдоброто од паметните телефони во моментот, Google, заедно со Huawei, ќе лансира уште еден телефон, кој ќе има Snapdragon 820 процесор, веројатно екран со големина од 5,7 инчи и резолуција од 2560х1440 пиксели, како и задна камера со 21 мегапиксели.
И овој модел ќе има USB Type-C приклучок, како и скенер за отпечаток на прстот, а ќе има и целосно метално тело. Иако не знаеме колкава ќе биде батеријата во овој телефон, според информациите, со сигурност ќе биде вградено безжично полнење, што значи дека ова ќе е првиот метален телефон со таква технологија.
Двата нови Nexus-и треба да бидат претставени кон крајот на есента, заедно со новата верзија на Android, која засега ја знаеме како M.
Извор: Techno Buffalo, Tech Radar