Qualcomm ја претстави наредната генерација од нивниот модем за смартфоните и слични уреди, поточно ова е шестата генерација. Snapdragon X75 5G е наследник на ланскиот X70 5G и донесува доста добра листа на подобрувања.

Од компанијата посебно ја истакнуваат подготвеноста на Snapdragon X75 5G за поддршка на 5G Advanced, наредната фаза во развојот на 5G мрежите. Овој модем доаѓа со нова архитектура, нов софтвер, кои резултираат со подобрување на покриеноста со мрежа, латенцијата, потрошувачката на енергија, како и на мобилноста.

Неколку новини го прават Snapdragon X75 5G одлична надградба од ланскиот модел. Овој модем доаѓа со можноста за комбинирање на фреквенциите кои се користат за примање и испраќање на податоци, со што се добива доста поголема брзина, во споредба кога овие фреквенции се користат посебно.

Дополнително, Snapdragon X75 5G доаѓа со поддршка за MIMO комуникација при испраќање на податоци, поточно има можност за испраќање на два сигнали во исто време, а резултатот е поголема брзина при „upload“.

Snapdragon X75 5G исто така доаѓа со подобрувања кај софтверот кои овозможуваат подобро задржување на сигналот и одлука на која базна станица да се поврзе уредот, а тоа резултира со подобар сигнал во лифтовите, подземните гаражи и слично.

Вештачката интелигенција е тука за да овозможи многу подобро поврзување при движење, како и одредување на локацијата на корисникот, нешто што е доста корисно во одредени ситуации.

За жал, овој модем не е дел од уредите кои веќе се претставени оваа година, но технологиите кои ги поддржува има време додека навистина почнат да се користат.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Qualcomm
Претходна статијаGeekbench 6 го подобрува тестирањето на уредите со тестирање на работите кои корисниците навистина ги прават
Следна статијаApple повторно го одложува претставувањето на уред за проширена реалност, ќе го претстави на WWDC во јуни
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.